Куртулија полуматурантите кои конкурираа за „Орце Николов“, нема да полагаат приемен


Учениците кои конкурираат за упис во средно образование, во скопската гимназија „Орце Николов“ нема да полагаат приемен испит, туку сите ќе бидат распределени во деветте постоечки паралелки.
„Сите одлични ученици кои сакаат да се запишат во гимназијата „Орце Николов“ ќе бидат примени без дополнително полагање приемен испит и ќе бидат распределени во деветте паралелки“, вели министерот Арбер Адеми за „Независен весник“.
Како што објавивме претходно, во скопската гимназија „Орце Николов“, за упис поднесени се 404 пријави, а во училиштето со конкурсот предвидено е да се запишат 285 ученици во девет паралелки.
Полуматурантите не сакаа да се откажат од нивната одлука да бидат запишани во гимназијата, затоа што  училиштето нуди квалитетно образование и е во близина на нивното место на живеење.
Родителите, деновиве, револтирано бараа нивните деца да бидат запишани во училиштето. Од Министерството за образование и наука бараа да овозможи формирање уште една паралелка или децата да бидат распределени во постоечките. За нив беше неоправдано децата да полагаат квалификациско тестирање зашто и во текот на основното образование полагале тестови преку кои биле проверени нивните знаења, за што добиле и оценки, така што сметаа дека ќе бидат дискриминирани. Собраа потписи против полагањето тест, а петицијата ја доставија до Министерството.(В.М.Л)