Куртулија од УЕФА, но не и од ФИФА: Вардар жестоко казнет поради трансферот на Максимов


Проблемите за најтрофејниот македонски фудбалски колектив никако да стивнат. Откако ФФМ не му издаде лиценца за натпреварување во Европа, иако УЕФА претходно ја тргна условната казна, Вардар се соочи со казна од страна на ФИФА во вид на забрана за трансфери во следните два преодни рока, плус ќе треба да исплати парична казна поради нелегалниот трансфер на Максим Максимов пред две години.

Рускиот напаѓач Максим Максимов пристигна во Вардар во летниот преоден рок во 2017 година пред почетокот на групната фаза од Лигата на Европа, но не беше пријавен за настап во историската сезона бидејќи не доби сертификат од неговиот претходен клуб Тракаи. Литванците се жалеа дека Вардар спротивно на законите и регулативите ги прекршил правилата за трансфер, но управата на нашиот најтрофеен клуб остро ги демантираше тие наводи истакнувајќи дека Вардар ја активирал откупната клаузула на Русинот која изнесувала 50.000 евра.

Тракаи најави тужба во ФИФА, а пресудата за истиот случај пристигна сега, во можеби и најтешкиот момент за Вардар откако клубот е во сопственост на Сергеј Самсоненко.

Поради грешките на нестручната управа, која со своите аматерски потези предизвикува фатални последици за најтрофејниот македонски клуб, Вардар нема да смее да регистрира нови играчи во следните два преодни рока, Максим Максимов е суспендиран на четири месеци во кои ќе нема право на настап, а Вардар или Максимов ќе мораат да му исплатат на Тракаи сума од цели 150.000 евра.

Доколку Максим Максимов не ја исплати сумата во следните три месеци, тогаш сумата од 150.000 евра ќе мора да ја исплати Вардар со 5 проценти камата.

Максимов во Вардар играше со привремена лиценца, а од клубот си замина кон средината на есенскиот дел од оваа сезона, поради проблеми да извадат работна дозвола поради долговите на клубот и воопшто не се врати во погон, иако и не покажа којзнае што на фудбалскиот терен. Русинот од неодамна има нов клуб во Летонија, ФК Рига, но поради четиримесечната суспензија ќе почека на настап.

Вардар има право да се жали на оваа одлука на ФИФА, а доколку биде одбиена, ќе има право да се жали и на Судот за спортска арбитража во Лозана во рок до 21 ден, но тешко дека Вардар ќе избегне пораз во целата ситуација.

Најголем проблем за Вардар веројатно ќе биде фактот што нема да може да ангажира нови фудбалери во следните два преодни рока, што значи дека ќе треба со истиот играчки кадар да влезе и во новата сезона, а со овој тим, кој има големи слабости, тешко дека ќе успее да и конкурира на Шкендија, притоа мора да се земе предвид дека на поголемиот дел од странците договорите им се истечени и тие нема да можат да бидат регистрирани следната сезона, што значи дека Вардар ќе биде на огромни маки во следниот шампионат на нашата држава.

Интересно е дека Максим Максимов, играчот за кој управата на Вардар инсистираше толку многу, на крајот скапо ќе ги чини и поради суспензијата и паричната казна, и поради фактот што не можеа да го користат како засилување во Лигата на Европа, но и поради тоа што тој не остави никаков впечаток и на крајот си замина без обештетување.

Она за што медиумите обвинуваа и критикуваа, а неспособната управа се криеше зад името Вардар, сега доаѓа на наплата и повеќе од јасно е дека аматерските грешки скапо ќе го чинат најголемиот македонски фудбалски бренд.