Курти за „Ле Монд“: Вучиќ и натаму размислува за тоа како Србија да го врати Косово


Косовскиот премиер, Албин Курти, изјави дека српскиот претседател, Александар Вучиќ, и натаму Косово го смета како територија што Србија мора еден ден да ја врати.

Курти ова го изјави за француски „Ле Монд“, нагласувајќи дека Србија „треба да се соочи со минатото и да стане подемократска“.

Француски „Ле Монд“ во воведот забележува дека премиерот на Косово, Албин Курти, на 15 јуни за првпат се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ, како дел од дијалогот со посредство на ЕУ во Брисел.

Весникот, исто така, наведува дека Курти е поранешен активист на политичкото крило на ОВК, кој поминал две години во затвор во Србија за време на војната во Косово, а подоцна го основал Движењето Самоопределување со револуционерна агенда и станал одлучен противник на „владите во континуитет на командантите на ОВК “.

Како што весникот истакнува, Курти сега е социјалдемократ избран врз основа на платформа за борба против невработеноста, корупцијата и организираниот криминал. Негов дипломатски приоритет е да обезбеди признавање од Србија, што Белград постојано го отфрла од конфликтот.

На прашањето кои се неговите впечатоци по првата средба со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, Курти одговори: „Не беше лесно, но беше конструктивно. Јас инсистирав ништо повеќе да не се крие под тепих, па затоа треба искрено да се реши прашањето за меѓусебно признавање на Косово и Србија. На сите ни треба заемно признавање, а Вучиќ одговори дека никогаш нема да го признае Косово. Одбивањето на реалноста од една страна и вистината од друга страна доаѓа од истата логика. Србија мора да се дистанцира од деновите на Слободан Милошевиќ, што почна со апартхејд, а заврши со геноцид во Косово.

-Српските водачи мора да бидат одделени од наследството на Милошевиќ, изјави Курти.

Тој посочи дека Вучиќ, меѓутоа, смета дека Косово е територија што Србија мора еден ден да ја врати, без да ги земе предвид нејзиниот народ и граѓаните.

-Независноста на Косово е стара 13 години, не можеме да разговараме како пред 2008 година. Откако одлуката на Меѓународниот суд на правдата во 2010 година го потврди фактот дека прогласувањето на независност на Косово не го крши меѓународното право, оваа расправа е завршена. Нема да разговарам за статусот на Косово, тоа прашање е решено. Единствено прашање денеска е односот меѓу Косово и Србија. Вучиќ мора да го сфати ова. Србија треба да се соочи со минатото и да стане подемократска, рече Курти.