Курти: Србија продолжува да ги следи методите на рускиот претседател Путин


 Косовскиот премиер Албин Курти денеска ја обвини Србија дека и натаму го следи патот на користење на методите на рускиот претседател Владимир Путин со акциите од почетокот на новата година, вклучително и апсење на косовски граѓани и тепање српски политичари кои мислат поинаку.

Тој на седницата на Владата на Косово рече дека годината почнала со добри вести за Косово, меѓу кои и либерализацијата на визите, но додаде дека и покрај промените годинава „покажува дека стариот сосед станува сè полош“.

Како пример го наведе апсењето на двајца државјани на Косово и тепањето на српскиот опозициски политичар Никола Сандуловиќ.

– Србија не е опасност само за Балканот, туку и за нејзините граѓани. Таков е случајот со лидерот на српската опозиција Никола Сандуловиќ. Српската држава, освен што го претепа, го обвини и за поттикнување омраза откако се поклони пред гробот на седумгодишната Блерина Јашари, која беше убиена од српските сили. Недемократските начини и однесување се одраз на она што се случува во Србија.

– Србија го продолжува патот со користење на методите на Путин, од заплашување до нехумана тортура на политичките противници, оцени Курти.

Според него, Србија се движи во спротивна насока од обврската од Основниот договор за патот кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово и се повеќе се оддалечува од вредностите на ЕУ и европската и евроатлантската интеграција, што, според него, помалку се потврдува и теоретски.

Курти зборуваше за апсењето на поранешниот припадник на ОВК Хасан Дакај во Србија на 5 јануари, велејќи дека покрај него неправедно во затвор се држат уште двајца државјани на Косово, за кои Министерството за правда побарало нивна екстрадиција, но не добиле одговор.