Курти повторно го критикува Рама за состанокот во Охрид: Не се почнува со Србија


Лидерот на движењето Самоопределување Албин Курти повторно ги критикуваше Албанија и премиерот Еди Рама поради учеството на тројниот состанок во Охрид.

Курти порача дека албанскиот премиер требал да сочека формирање на новата приштинска влада.

Тој вели дека тој проект, започнат во Нови Сад, а продолжен во Охрид, не само што е избрзан и погрешен, туку и дека Албанија требало да го започне со Приштина, а не со Белград.

„Нови Сад и Охрид беа грешка. Не се почнува со Србија. Се започнува со договор меѓу Албанија и Косово, продолжува со договор Хрватска – Бугарија, а потоа официјално Сараево, Подгорица и Скопје, па дури на крајот Белград“, наведе Курти, а пренесува приштинска „Газета блиц“.

Според зборовите на Курти, Белград треба да биде на последното место, бидејќи, како што вели, не се кае за „злосторствата направени со Путиновата Москва“, во последната војна.

„Затоа мислам дека состаноците во Нови Сад и Охрид беа грешни чекори“, изјави Курти.