Курти: Новата косовска влада ќе ја формираат ВВ и ЛДК, без Српската листа


Лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, кој се очекува да го добие мандатот за формирање влада откако неговата партија победи на вонредните парламентарни избори во Косово, изјави дека нема ниедна пречка што не може да се надмине во преговорите за формирање нова влада меѓу неговата партија и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), кој испадна втор на изборите од 6 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното интервју за новинската агенција КосоваПрес, Курти најави дека деновиве ќе се сретне со лидерот на ЛДК Иса Мустафа, додека работните групи на двете досега опозициски партии ќе се сретнат утре (понеделник, 28 октомври) за да разговараат за економските приоритети на новата Влада.

Идниот косовски премиер повтори дека во владата што тој ќе ја води нема да има претставник од Српската листа (СЛ), иако таа најголема партија на косовските Срби и на овие избори извојува уверлива победа во срединити со мнозинско српско население.

Претходно, во интервју за јавната телевизија РТК, Курти рече дека новата влада ќе ја испочитува уставната обврска во неа да има министер од редовите на српската етничка заедница во земјата, но дека нема законска обврска тоа да биде претставник на партијата победничка во српскиот блок, во случајов СЛ.

Што се однесува до другите малцински етнички заедници, Курти вели дека тие исто така ќе имаат еден министер во неговиот кабинет и дека, спред досегашните контакти, партиите од тие заедници кои освоиле места во новото Собрание на Косово, пројавиле интерес да бидат дел од владејачката коалиција.

Според најавите од ВВ и ЛДК, новата косовска влада ќе има 12 министри, од кои еден Србин и еден припадник на другите немнозински етнички заедници, а секој ресор ќе има по двајца заменици министри. Владата во оставка на Рамуш Харадинај има 21 министер и околу 100 заменици министри.