Курти: Гренел се однесува како каубоец

Лидерот на партијата Движење самоопределување (ВВ) и доскорешен премиер на Косово, Албин Курти не очекува никаков резултат од средбата во Вашингтон меѓу челниците на Косово и Србија, што треба да се одржи на 2 септември, на покана од специјалниот американски пратеник за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на својата страница на Фејсбук, Курти оцени дека иницијативата на Гренел е единствено во функција на јакнење на неговите и на позициите на неговиот шеф, претседателот на САД Доналд Трамп, во пресрет на претседателските избори што во ноември ќе се одржат во таа држава.

Гренел, вели Курти, се однесува „како финансиски и медиски каубоец, на кој ништо не му значат историјата на Албанците и страдањата и загубите на Косово“.

– Околу 80 дена останаа до изборите во САД на кои претседателот Доналд Трамп ќе се соочи со демократскиот кандидат Џо Бајден. (…) Во тој контекст треба да се гледа и 2 септември како најавен ден на преговори меѓу Косово и Србија во Вашингтон. Поранешниот американски амбасадор во Берлин и поранешен в.д. директор на Националното разузнавање, Ричард Гренел, бара некаков успех во последен момент, напиша Курти.

Според доскорешниот косовски премиер, „тие што од Косово сакаат да одат на тие преговори закажани за 2 септември немаат легитимитет, кредибилитет, авторитет, ниту пак надлежности“.

– Следствено, нивните спогодби се неостварливи и не вредат ниту колку хартијата на која ќе бидат напишани, порача Курти.

Пратеникот на американскиот претседател Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Гренел утрово ја објави веста за косовско-српската средба во Вашингтон. Претходно беше планирана средба на челниците на двете држави во Белата куќа на 27 јуни, меѓутоа таа беше одложена, откако неколку дена порано се објави веста дека против косовскиот претседател Хашим Тачи е подигнато обвинение пред специјалниот суд за воени злосторства во Косово.

Претставничката на американскиот Национален совет за безбедност, Грејсон Винсент, за приштинскиот портал „Коха.нет“ потврди дека делегациите на двете држави на средбата во Вашингтон се очекува да ги предводат премиерот на Косово Авдулах Хоти и претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Винсент, како и претходно Хоти, изјави дека се очекува постигнување „значаен напредок во економските односи“ меѓу двете држави, кој ќе претставува „клуч за мировниот процес“ во регионот.