Курти го разреши министерот за внатрешни работи Агим Велиу – ширел паника


Косовскиот премиер Албин Курти го разреши министерот за внатрешни работи и јавна администрација Агим Велиу, поради несогласување со неговите ставови во однос на кризата предизвикана со епидемијата на корона вирус, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението кое кабинетот на Курти го достави до медиумите, се вели дека Велиу синоќа се изјасни против ставот на премиерот во врска со намерата на претседателот на државата Хашим Тачи да се прогласи вонредна состојба во земјата поради корона вирусот.

– Доцна синоќа, по полноќ, Министерот за внатрешни работи и јавна администрација, г. Агим Велиу, за телевизијата Клан Косова се изјасни против ставот на премиерот на Република Косово околу прогласувањето вонредна состојба. Тој, исто така, шири паника тврдејќи дека „бројот на заразени расте од час во час“. Ниту Министерството за здравство ниту пак Институтот за јавно здравство не велат дека бројот на заразени со Ковид-19 расте од час во час, се вели во соопштението, во кое се бара од челниците на институциите во земјата „да демонстрираа умереност, како во одлучувањето, така и во јавните настапи“.

Во образложението на одлуката за разрешување се наведува и дека Велиу, и пред овој испад, „преку неговите јавни изјави, кои не се во согласност со ставовите изнесени на внатрешните седници (…) покажуваше недостиг на лидерство и отворено ја минираше работата на Владата“.

Курти информира дека за одлуката го известил лидерот на коалициониот партнер во владата, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа и дека побарал од него што поскоро да му го соопшти името на новиот министер за внатрешни работи.