Курти бара меѓународна истрага за „Диво Насеље“

Неопходна е меѓународна истрага за случувањата во „Диво насеље“, смета првиот човек на косовската влада. В.Д. премиерот Албин Курти,  во гостување на приштинска телевизија изјавил дека преговори меѓу владите на Косово и Македонија нема да им помогне на осудените за кумановските настани. Смета дека за 37-мина затвореници, потребен е независен истражен процес.

„За тој случај е потребна една таква независна истрага, за која и ние треба да го дадеме нашиот придонес, а посебно меѓународниот фактор, која ќе ја открие вистината и ќе воспостави правда“, изјавил Курти.

Тој се сомнева дека случувањата во Диво насеље биле само стапица во која упаднала групата албанци. Смета дека настанот се одвивал според сценарио па бара меѓународна истрага која освен актерите ќе ги пронајде и режисерите на крвавата престрелка.

Ваквата изјава на косовскиот премиер следува по видеото кое го објави еден од осудените на кое се гледаат случувањата во полициската станица Гошинце, десетина дена пред пукањето во Куманово.

Во Диво насеље загинаа осуммина полицајци и 14 лица на терористичката група.

За случајот на затворски казни беа осудени 33-ца. Седуммина на доживотен затвор а останатите се осудени на вкупна затворска казна од близу 750 години.