Курти бара да не се политизира донацијата од Србија


Претседателот во оставка на владата на Косово, Албин Курти, изјави дека не треба да се политизира тоа што Србија донираше тестови за коронавирусот на Косово. Тој денеска на прес-конференција рече Косово докажало дека не прави разлика меѓу граѓаните по општини, партии, старост, пол, вера и етничка припадност. Курти додаде дека Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје ќе одлучат како ќе ги искористат сите тестови со кои располага Косово.

„Ние не дискриминираме и убеден сум дека доколку Косово одбие да ги земе тие тестови, ќе биде оптужено дека се однесува ирационално и ќе се политизира еден гест кон не е таков. Тоа не треба да се прифати како политички гест“, рече Курти.

Тој додава дека земјата сака добрососедски односи и што поголема регионална соработка во заедничката борба со коронавирусот.

Министерството за здравство на Косово објави дека примило донација од илјада тестови за откривање на новиот коронавирус, вредна 30 илјади евра, како дел од соработката меѓу државите од регионот во борбата против пандемијата на Ковид-19.

Приемот на српската донацијата од страна на Владата на Курти предизвика бројни, главно негативни, реакции од опозициските политичари и јавни личности, кои бараат соработката со Србија да се услови со нејзино извинување за злосторствата врз цивилното население во војната од 1999 година и со изведување пред правдата на одговорните за тие злосторства.