Курц побара прекин на пристапните преговори на ЕУ со Турција


Австрискиот канцелар Себастијан Курц упати критика поради одлуката за анулирање на резултатите од локалните избори во Истанбул, истакнувајќи дека тие што не прифаќаат демократски избори нема што да бараат во Европска Унија.

Тој исто така побара конечен прекин на пристапните преговори на ЕУ со Турција.

– Неопходно е ЕУ чесно да се однесува кон Турција, која со години со се поголеми чекори се оддалечува од Унијата и се повеќе не ги исполнува условите на пристапните преговори.  Се уште постојат силни систематски ограничувања на слободата на изразување и на медиумите, посочи Курц.

Врховната изборна комисијана Турција  вчера одлучи да ги поништи резултатите од изборите што се одржаа на 31 март. На гласањето за градоначалник на Истанбул победи главниот опозициски кандидат Екрем Имамуглу, но со малку гласови предност.

Во неколку делови од Истанбул синоќа избија протести поради одлуката на турската Врховна изборна комисија да ги поништи резултатите од локалните избори на кои победи опозицијата

Имамоглу, ја осуди одлуката на највисокиот изборен орган во Турција за повторно одржување на избори, додека портпарол на турскиот претседател Фахретин Алтун истакна дека поништувањето на изборот за градоначалник на Истанбул претставува победа за турската демократија.

На одлуката за поништување на изборните резултати претходно реагираше и ЕУ.

Во заедничка изјава шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се нагласува дека тоа решение е спротивно на самата идеја за демократски изборен процес. Исто така се додава дека одлуката била политизирана и е во спротивност со клучната цел на демократскиот процес. Освен тоа, тој чекор значи и поткопување на изборниот процес и е против обврските преземени од Турција како член на Советот на Европа.