Курц: По сето ова, светот ќе изгледа целосно поинаку


Австрија – Австрискиот канцелар Себастијан Курц оцени дека ефектите од новиот коронавирус ќе се чувствуваат многу месеци и дека по борбата со овој вирус, светот ќе изгледа целосно поинаку..

Курс го критикуваше недостигот на соработка меѓу државите.

– Во Европа гледаме дека нема солидарност кога нештата стануваат сериозни и тоа ќе доведе до многу дискусии по кризата, рече тој.

– Вирусот, на долг рок, ќе има последици на тоа како се однесуваме едни кон други и како ќе живееме, колку сме внимателни. Исто така, глобализацијата сè повеќе ќе се анализира, рече тој.

Курц во интервју за „Кроне.ТВ“ рече дека ќе биде потребно уште „многу, многу долго време“ додека Австрија да може да се врати во „нормала“. Тој вели дека училиштата најмалку четири седмици ќе бидат затворени.

Курц истакна дека вирусот предизвикува неверојатни последици по економијата и затоа, треба да се вложат сите напори за поддршка на претприемачите и за осигурување на работните места. Тој им се заблагодари на австриските граѓани за придржувањето до мерката на владата. Засега, рече тој, не се планира понатамошно затегнување на мерките.

– Не останаа уште многу работи кои можат да се преземат, потенцира Курц, потесетувајќи дека е веќе воведено ограничена слобода на движење, затворање на училишта и локали. Тој изрази надеж дека мерките ќе дадат резултат и апелираше на граѓаните долго да издржат, инаку болеста веднаш ќе се врати.  – Ограничувања од еден или два дена – не носат ништо, потенцира Курц.