Купува ли Жика Стојановски гласови со брзи ковид тестови?


Билјана БОГДАНОВСКА

Актуелниот градоначалник на Општина Илинден, Жика Стојановски, денеска се пофали дека донирал брзи тестови за откривање Ковид-19 во три основни училишта и во средното општинско стручно училиште „Илинден”.

Со оглед на тоа дека донацијата на тестовите се случува пред избори, „Независен весник“ праша чија е таа и  дали е обезбедена со пари на градоначалникот или на општината. Оттаму само кратко одговорија дека тестовите се купени со пари од општествено одговорни претпријатија. Но, не сакаа да откријат за кои претпријатија се работи, ниту кој воопшто од нив побарал да донираат брзи тестови, кога се знае дека Комисијата за заразни болести не дала предлог учениците кои посетуваат настава со физичко присуство да бидат тестирани на дневно или неделно ниво. Дополнително, од општината не знаеја да одговорат ниту колку чинеле тие тестови, ниту пак колку вкупно брзи тестови се донирани.

Неодговорено остана и прашањето како ќе се користат тие тестови, односно дали ќе бидат за сите ученици, дали пак можеби, само за оние кои се сомнителни, или за наставниците и останатиот персонал.

– Со донацијата на тестовите за брза детекција се овозможува ефикасно спречување на ширењето на инфекцијата во училиштата, каде што наставата се одвива со физичко присуство на учениците. Континуираното следење на состојбата со Ковид-19 и брзото дијагностицирање во училиштата е од голема важност, со цел преземање на навремени и соодветни мерки за спречување на ширење на заразата меѓу учениците и вработените во училиштата – стои во општинското соопштение, кое сепак отвора многу прашања.

Ако се знае дека Жика Стојановски, кој е познат како градоначалник со најмногу  мандати ( вкупно четири мандата од 2005, 2009, 2013 и 2017 година како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ), годинава најави дека ќе се кандидира повторно за градоначалник, но  како независен, се поставува и прашањето – дали неговиот потег со донирање брзи тестови во училиштата може да се сфати како предизборен поткуп?

Училиштата добиле 1.000 брзи тестови 

– Сите четири училишта што се наоѓаат на територија на Општина Илинден денеска добија 1.000 брзи тестови, потврдија од ООУ „Гоце Делчев“ за „Независен весник“.

Од таму појаснуваат дека брзите тестови кои ги добиле како донација од Општината ќе ги користат доколку некое дете има повишена температура или за некој од вработените во училиштето, кој би пројавил некакви симптоми.

– Тестовите нема да ги користиме за тестирање на сите деца. Туку, доколку на некое дете му биде измерена повисока температура, според протоколите, тоа дете ќе биде изолирано додека дојде родителот да го земе. Тогаш ќе му понудиме, доколку сака, да му дадеме брз тест кој би го направиле сами, или пак може да појдат кај матичниот лекар и тој да го направи – велат од училиштето „Гоце Делчев“ за „Независен весник“.

Од таму се надеваат дека нема да има потреба да ги користат донираните брзи тестови, затоа што велат, досега имаше деца со покачена температура, но тие имаа стомачен вирус. Дете позитивно на корона вирус, засега во училиштата од оваа општина, нема.