Куомо побара вакцини за државата Њујорк директно од „Фајзер“


 Гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо, вчера побара од извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурлу, оваа сојузна американска држава да ги купи дозите на вакцината против Ковид-19 директно од овој производител на лекови, јавија британските медиуми.

Компанијата „Фајзер“, меѓутоа, сооошти дека за ваков предлог најпрво е потребно одобрување од Министерството за здравство и човечки услуги на САД.

„Со зголемувањето на хоспитализациите и смртните случаи ширум земјата оваа зима, ние се натпреваруваме со вирусот и губиме доколку драматично не го зголемиме бројот на дози што стигнуваат до жителите на Њујорк“, наведува Куомо во писмото до извршниот директор на „Фајзер“.

Куомо напиша дека директно му се обраќа на „Фајзер“ затоа што компанијата „не била врзана со обврските“ што Модерна ги презела во рамките на операцијата „Wоrp Speed“, програмата на американската Влада за дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19.

Ниту една американска држава досега не купила вакцини директно од производител.