Куновска: Обрачот се стега околу водството на СДСМ, наскоро ќе се видат вистинските намери

Поранешната пратеничка и претседателка на скопската организација на СДСМ, Софија Куновска вели дека промените на „Бихаќска“ може да бидат корисни доколку се темелат на принципи, но се сомнева дека тоа е случај сега, иако ќе и биде драго ако времето ја демантира.
„Впечатокот е дека обрачот се стега околу врвот на СДСМ. Лошото менаџирање со наметнатите високи очекувања кај граѓаните од самиот почеток на раководењето со СДСМ, но и со Владата, од страна на актуелното раководство дојде на наплата. Затоа акцијата е во крајна нужда иако беше најавувана одамна, но во помал обем“, коментира Куновска за „Независен весник“.
Според неа, од пред два дена, лествицата на очекувања е поставена уште повисоко.
„Но внатрепартиската прераспределба на функции во СДСМ е сосем неважна за граѓаните. Очекувањата се дека промените важни за граѓанинот допрва следат во обем и квалитет сооодветен на досегашните крупни потфрлања. А тоа нема да биде едноставно. Прашање што останува да лебди е дали само кадровските смени ќе бидат доволни за поправање на впечатокот или сето ова ќе мора да биде проследено со подлабоки системски зафати“, вели Куновска.
Експратеничката потенцира дека прогресивниот дел од демократската јавност свесно го проголта, во име на просперитетот за својата земја, прифаќањето на горките порции како што беа промената на уставното име за вкупна употреба и договорот со Бугарија. Но за сметка на тоа, смета дека граѓаните ќе бидат се повеќе оправдано хиперсензитивни и нетолерантни за злоупотреби, неодговорност, и неспособност на раководните партиски структури во институциите на системот на било кое ниво. „Функционалноста на институциите и чесната работа беше најмалку што мора да понуди оваа гарнитура наспроти сите насобрани проблеми. За среќа, близу е моментот кога ќе станат видливи вистинските намери. По завршувањето на целата операција ќе се расчисти дилемата и ќе стане јасно дали со неа се чистат неистомисленици, дали функционерите добиваат анонимни алтернации заради ‘уметнички дојам’ или навистина ќе се поправаат грешките од практицирањето на власта и ќе се подобрува кадровската понуда заедно со перформансите на владата и локалните самоуправи.
Засега доволно е да заклучиме дека одговорноста се бара и ќе се бара кај многумина, а конците одамна ги движат еден-двајца“, заклучува Софија Куновска во разговор за „Независен“.
Горан Адамовски