Кумановскиот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Макбет“

Кумановскиот театар во петок премиерно ќе ја изведе претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, во режија на  Андреј Цветановски.

Режисерот Цветановски на денешната прес-конференција рече дека вторпат работи во Куманово, но овој пат со класик од светската драматургија.

– Одличен материјал за работа и одлична екипа со која со задоволство работев, рече режисерот Цветановски.

Брачниот пар Горан и Кети Илиќ, кои ги толкуваат улогите на брачниот пар Макбет, велат дека е задоволство да се работи Шекспир, порачувајќи дека оваа тема за борба за власт никого нема да остави рамнодушен.

Актерката Кети Дончевска-Илиќ смета дека претставата е комплетна визуелна, актерска и сценска слика која ќе ги воодушеви гледачите. Големината на делото, вели, ги надминува сите предизвици со кои се соочувале при подготовка на претставата.

Во претставата играат Горан Илиќ, Кети Дончевска Илиќ, Александра Пешевска, Сања Русеска, Александра Михајловска,  Антонио Димитриевски, Мирослав Петковиќ, Марко Трајковиќ , Владо Дојчиноски, Давид Илиќ  и Матеј Стојковски.

Сценограф и дизајнер на плакатот е Сергеј Светозарев, костимограф Александар Рашковиќ, а композитор Димитар Андоновски.