Куманово со грант од Светска Банка ќе купува машинерија за чистење


Општина Куманово обезбеди грант средства преку долгорочно задолжување преку Светска банка со кои ќе набави опрема за одржување, складирање, транспорт и изнесување на смет, одлучија советниците на последната седница на советот на општина Куманово.
Средствата, во износ од 16 милиони 961 илјада 085 денари, (275.790 евра) појаснија надлежните од секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, се обезбедени во рамки на вториот проект за подобрување на општинските услуги (МСИП 2) финансиран со заем на Меѓународна банка за обнова и развој (Светска Банка) како резултат на успешно реализиран потпроект.

Општина Куманово ги потпиша договорите со Светска банка за набавка на опрема и возила за потребите на јавните претпријатија за кои долгорочно се задолжи, информираше градоначалникот, Максим Димитриевски. Преку долгорочното задолжување Куманово ќе обезбеди машини, опрема, возила за потребите на четири јавни претпријатија „Водовод“, „Чистота и Зеленило“, „Куманово-гас“ и „Паркинг“.

– Изминатиов период, бидејќи целиот проект и постапката беше спроведена од тимот од Светска банка, Општина Куманово е корисник на таа опрема и дополнително како што сте информирани, земавме долгорочно задолжување од милион евра, со камата од еден процент и 20 отсто грант средства коишто допрва треба да се реализираат и да ги добиеме како грант или бесплатни средства. Целата постапка, евалуација на проектот беше спроведена од страна на експертите од Светска банка. Ги потпишавме договорите, изјави Димитриевски.

Тој појасни дека се работи за опрема којашто ја добавуваат три компании, од кои едната е опрема се работни машини, ровокопачи, втората опрема е камиони со опрема за зимско одржување и третата е за опремување на ЈП Куманово „Паркинг“ и „Куманово гас“ за тековно одржување на возила и специјално возило пајак.

– Некаде согласно договорот би требало да бидат испорачани до крајот на септември – октомври 2022 година, а во следниот период ќе следи уште една тендерска постапка за реализација на проектот од 20 проценти од грант средства за кои аплициравме со специјално возило цистерна за летно одржување на улиците и вршење дополнување со вода како полуподземни контејнери и специјално возило за подигање на полуподземните контејнери, појасни Димитриевски.

Проектот се реализира преку потпишување на договорот за под-заем со Министерство за финансии, во рамки на средствата обезбедени со проектот подобрување на општинските услуги финансиски поддржан со заем од Светска банка, во висина 63 милиони 754 илјади 712 денари, со цел финансирање на капитален проект, односно набавка на 12 возила за четири јавни претпријатија.

ЈП „Водовод“ ќе добие комбиниран ровокопач-натоварувач, „Чистота и Зеленило“ опрема за изнесување и депонирање на отпад (автосмеќар, автодигач, трактор со приколка и работна машина), како и опрема за зимско одржување на сообраќајници (три камиони со опрема за зимско одржување-плуг за расчистување на снег и соларка за фрлање на сол и ризла), „Куманово-Паркинг“, специјализирано возило (пајак) и „Куманово-Гас“ опрема за изградба и одржување на дистрибутивна гасоводна (ровокопач-утоварувач, камионет, комерцијално возило).