Куманово повторно со високо аерозагадување, општината со препораки


За осум дена, втор пат надлежните институции издадоа предупредување и препорачаа мерки за намалување на аерозагадувањето во Куманово. Денеска од општината, повикаа да се почитуваат повеќе мерки поради надминување на прагот на информирање за суспендирани честички со големина до 10 микрометри PM10, измерени на 6 и 7 јануари, годинава, со среднодневни концентрации над 100 μg/m3.

-Согласно добиениот Акциски план со краткорочни мерки за чист воздух (ноември-февруари 2024-2025 година) од Министерство за животна средина и просторно планирање и Заклучокот на Владата од триесет и третата седница, Општина Куманово им препорачува на граѓаните, да користат јавен превоз, да не користат возила без поголема потреба, да се возат повеќе лица во едно возило, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал, да се користат правилно печките за дрва и строго се забранува на горење на отворено, информираа, денеска од Oпштината.

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, препорачаа ранливите категории, децата, старите лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма, да го ограничат движењето, а се препорачува и ограничено движење и активности на лицата, кои својот професионален ангажман го извршуваат на отворен простор.

Граѓаните се жалат дека несовесни граѓани палат различен отпад долж течението на Кумановка, воздухот е неподнослив после 18 часот. Празнично во градот се слушаа огномети и различен вид пиротехника и покрај предупредувањата на надлежните дека дополнително се загадува воздухот. 

На последната прес-конференција, кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски рече дека се преземаат краткорочни и долгорочни мерки за намалување на аерозагадувањето, аеросолизација, миење на улици, воведување на бесплатен градски превоз, со што се намали бројот на автомобили, но и долгорочни, набавка на висококвалитетни садници и гасификација за што се предвидени пари од буџетот, од годинава и субвенции за клима по принципот, „прв дојден, прв услужен“ за што од општинскиот буџет се одвоени два милиони денари. Зголемени се инсекциските надзори на правни субјекти, инсталации и градилишта.

Како што дополни, тој и несоодветните урбанистички планови, изградбата на домови околу реката дополнително ја влошуваат состојбата со аерозагадувањето во градот, оневозможувајќи го провевот во Куманово.

Резултатите од мониторингот извршен преку проект покажаа дека согорувањето на биомаса има најголемо учество во аерозагадувањето, во помала мера сообраќајот, следуваа, согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли.