Културњаците ги добија априлските плати


Фото: Б. Грданоски

По неколку недели доцнење на платите за вработените во националните установи од културата, тие вчера информираа дека парите за априлската плата се префрлени. Доцнењето со платите настана откако се донесе владино решение за порамнување на платите на 2 899 вработени во националните и во локалните установи од областа на културата.
Од Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) информираа дека добиле потврда од Министерството за култура дека платите ќе бидат пуштени во текот на вчерашниот ден.
– Нè известија дека парите се пуштени и априлската плата со порамнувањата ќе легне на сметките на вработените. Изминатиов период беше тежок за сите инволвирани во нивелацијата, како и за сите вработени чии плати доцнеа две недели. И покрај сите препреки и проблеми, на крај сè излезе како што треба. Вкупно 1.600.000 евра нови во буџетот за плати за вработените во културата – информираше Сања Арсовска, актерка и претседателка на СКРМ.

Во изминативе денови имаше негодувања од страна на вработените во институциите од областа на културата поради доцнењето на платата.
Арсовска објасни дека одлуката за нивелација, односно порамнување е донесена на седница на Влада во ноември 2018 година и дека таа требало да се спроведе со јануарската плата. Поради обемот на пресметките, Министерството за култура побарало да биде спроведена со февруарската плата.

– Кога во март требаше да се земе нивелираната февруарска плата, се распишаа избори и процесот беше стопиран. Но, тоа не значеше дека Министерството не требаше да ја заврши работата навреме и само да чека да помине изборниот процес и реформата да биде спроведена. За време на изборниот процес, синдикатот оствари неколку средби на кои инсистираше нивелацијата да се спроведе со априлската плата. Министерство одговори потврдно со напомена дека платата би доцнела, на што се согласивме на разумен рок од два-три дена дополнително. Подобро да доцни два дена, отколку да се чека уште еден месец за спроведување – појасни Арсовска.
Таа додаде дека процесот на нивелација поттикнал поединци да почнат со пазарење поради неинформираност, но и неприфаќање на значењето на нивелацијата, па со тоа дополнително се развлекол процесот.

На владината седница одржана пред две недели, констатирано е дека Министерството за култура е во фаза на подготовка на нов Закон за јавниот интерес во културата, кој ќе биде усогласен со новите измени на законите од областа на јавната администрација, односно со Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор. По неговото усвојување ќе се создадат услови за ново усогласување на платите во културата. (И.Н.)