Културните работници против нула данокот за ИТ компаниите


Асоцијацијата на независната културна сцена (ЈАДРО) остро реагира по вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, кој при посетата на компанијата „Меџикс“ најави дека до 2023 година, Владата предвидува „намалување на персоналниот данок во ИТ секторот од сегашните 10 отсто на 0 отсто“, под изговор дека тоа ќе биде „силен стимул за младите што повеќе да се насочат кон овој сектор“.

ЈАДРО повикува да се преиспита оваа одлука и укажува на опасноста од општествена нерамноправност и нанесување неправда, како и демотивација и незадоволство меѓу различните, а не помалку важни сектори во општеството.

-По изјавата на премиерот Ковачевски во која се вели дека приоритет на Владата е мотивација на ИТК секторот преку целосно ослободување од персонален данок до 2023 година, прашуваме врз кои основи овој сектор е поважен и егзистенцијално позагрозен, на пример, од културните работници. Особено, од културните работници кои се во независниот културен сектор, а кои се клучни чинители во создавањето на современите културни и уметнички практики. Сакаме да веруваме дека Владата се грижи подеднакво за сите свои граѓани и за сите општествени страти. Сакаме да веруваме дека веќе сме на крајот од повеќедецениските лично-интересни, партикуларни читања на позициите на моќ, кои се артикулираат како заеднички интерес, а, всушност, тоа не се. Сакаме да веруваме дека политичките елити размислуваат длабоко стратешки за целосната општествена слика и дека татктички дејствуваат во духот на стимулирањето на заедничките добра, солидарноста, правдата и рамноправниот и рамномерен општествен развој, наведува ЈАДРО во реакцијата.

Според ЈАДРО, културните работници кои се вон институциите се во прекарна состојба, оставени сами на себе, без структурна грижа и поддршка.

-Секако, ние немаме „пазар“ за да можеме да ја обезбедиме својата егзистенција. Но, и покрај тоа, имајќи на ум дека и покрај недостоинствените услови во кои работиме создаваме продукција која ја става државата на мапата на Европските признаени вредности во современата култура. Освен тоа, би сакале да упатиме дека токму од овој сектор, акцентирајќи ја неговата интердисциплинарност, произлегуваат повеќето од процесите што се темел за демократизација на општеството. Токму затоа, повикуваме да се преиспита оваа одлука која важи изолирано само за еден сектор, и која ги става во подредена, неправедна и недостоинствена позиција останатите сектори во општеството, меѓу кои е и независниот културен сектор, посочува ЈАДРО.