Културната елита на ретроспективата на Анета Светиева – жив дијалог со нејзините комплексни скулптури

Скулптурите на Светиева не само што се инспирирани од традицијата и верувањето на македонскиот народ, туку и создаваат магична слика за човековите најскапоцени аспекти и непрекинливата врска со митологијата


Даут пашин амам, синоќа, беше претесен да ги прими гостите од сите сфери на живеење, во знакот на културна прослава, на ретроспективната изложба на познатата уметница Анета Светиева.  

На изложбата беа претставени бројни дела од сите фази на нејзината уметничка кариера, што ги опфаќаат нејзините најважни и најиновативни проекти. Гостите имаа можност да го дофатат светот на нејзината уметност и нејзината инспирација и развој низ годините. Оваа ретроспективна изложба не само што претставува можност за длабоко запознавање со нејзината уметничка приказна, туку и поттик за понатамошни креативни подвизи. Настанот го проследи живиот дијалог со нејзиното целовито и комплексно творештво, кое одразува богата приказна за слоевитоста на животот и уметноста.

Изложбата е дел од големата заложба за претставување на нејзиниот опус, кој ја пречека во својата полнота, благодарение на долгогодишната соработка и доверба во одржувањето на овој проект од страна на Националната галерија на Македонија.

Директорката на Националната галерија, Маја Неделкоска Брзанова, ја истакна важноста на оваа изложба како заокружување на мисијата да се презентира богатството од уметнички дела што ја отсликуваат автентичната македонска идентичност и вредности. Таа ги нагласи напорите вложени од страна на институцијата и поддршката од организациите што помогнаа во реализацијата на овој проект. Во својот говор, таа ја потенцира личната посветеност и искреноста во творештвото на Светиева, чие дело се гради врз длабоки митолошки, етнолошки и духовни теми.

Покрај тоа, кураторката Викторија Васева Димеска ја изрази благодарноста за честа да биде дел од овој проект. Таа ги нагласи трудот и посветеноста што ги вложија сите учествувачи за да се долови суштината на експозицијата. Во својата изјава, таа зборуваше за комплексната природа на делата, што ја истражуваат слоевитоста на човековите емоции, страдања, радости, љубов и страст, како и симболиката што ја носат митските и археолошките форми.

Тие дела не само што се инспирирани од традицијата и верувањето на македонскиот народ, туку и создаваат магична слика за човековите најскапоцени аспекти и непрекинливата врска со митологијата,откривајќи го духовниот свет што без прекин ги допира нашите животни и духовни прашања.

Како личност која долги години директно е вклучена и го следи развојот на националниот уметничкиот потенцијал, државната секретарка при Министерството за култура и туризам Марија Ѓоргова, ја сподели радоста и честа за долгогодишното пријателство со Светиева како личност, уметник и професор. Во името на министерството  истакна дека Проектот е особено значаен бидејќи ја следи монографијата за Светиева, која беше издадена во 2023 година, и во целост ја зацврстува трајната вредност на нејзиното творештво. Со ова, долгогодишното истражување и следење на богатата уметничка кариера на една од најважните македонски скулпторки добива своја довршна форма.

На синоќешното отворање,  честитки за уметницата и пријателка, упати и претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Истакна дека мала земја, како нашата, со скромни ресурси може со гордост да застане пред човечките и интелектуалните потенцијали на нашиот народ, особено во доменот на културата и културното наследство. Да се биде современик на творештвото на Светиева е особено задоволство. Со задоволство ја констатира родовата застапеност во организацискиот тим на проектот во целост и го истакна значењето на Националната галерија на македонската културна мапа.

Ретроспективната изложба ќе биде отворена за јавноста во Даут пашиниот амам до крајот на август 2025. (Л.С.)