Kултурата во срцето на европските градови со поддршка од ЕУ- што тоа значи за Скопје ?
„Култура над поделба“ беше слоганот на програмата со која Скопје се претстави пред ЕУ и го победи вториот финалист, градот Будва од Црна Гора
Веспрем во Унгарија, Темишвар во Романија и Елевсина во Грција се актуелни Европски престолнини на културата. Ги преземаа титулите од Каунас, Еш и Нови Сад кои во 2022-ра го славеа европското културно наследство.
Деновиве во Брисел се одлучуваше за една од Европските културни престолнини за 2028. „Култура над поделба“ беше слоганот на програмата со која Скопје се претстави пред ЕУ и го победи вториот финалист, градот Будва од Црна Гора .
„Македонската култура заслужува да биде признаена како култура со европски вредности и сето она што го негуваме како традиција и историја. Културата треба да се издигне над сите поделби, а ние мораме и понатаму да продолжиме да ја развиваме . Изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година е голем успех за македонската култура. Скопје е подготвено да одговори на предизвикот. Всушност, Скопје како да се создавало низ вековите и за овој предизвик. Под европското и македонското знаме ќе ја подигнеме креативната енергија за таа да да се рашири и низ целиот континент. Има ли подобро место за тоа од Скопје?“, изјави министерката за култура Бисера Костадионовска Стојчевска во Брисел и на прес во Скопје по враќањето од Брисел.
Костадиновска-Стојчевска најави заедничка прес конференција со градоначалничката на Град Скопје и креативниот тим, каде што подобро ќе бидат објаснети сите понатамошни случувања и процедури. Министерство за култура ги вклучи сите ресурси на културните институции и културни работници, а Владата на Република Северна Македонија преку писмо на поддршка целосно застана зад оваа апликација и овој процес.
Програмата почнува да се имплементира во јануари 2024 година и во текот на следните години обединети националните и европските уметници ќе учествуваат на стотици културни настани кои ќе кулминираат во 2028 година.
Во истата година, ќе има уште две европски престолнини на културата, една во Република Чешка (Бромув и Будвајс се најдоа во потесниот избор во октомври 2022 година) и една во Република Франција (Клермон-Феранд, Монпеље, Руен и Бурж). За нив ќе се одлучува во декември.
Проектот „Европска престолнина на културата“ почна во 1985 година на иницијатива на Мелина Меркури, тогашната министерка за култура на Грција. Градовите се избираат врз основа на културна програма која мора да има силна европска димензија, да го промовира учеството и активното вклучување на жителите на градот, заедниците и различни засегнати страни за да придонесе за долгорочен развој на градот и околниот регион.
Целта на иницијативата е да ги заштити и промовира разновидноста на културите во Европа, да го прошири пристапот и учеството во културата, да ги зајакне капацитетите на културниот сектор и да го подигне меѓународниот профил на градовите преку културата. Титулата е и можност за градовите да го сменат својот имиџ, да се стават на светската мапа и преку културата да промовираат одржлив туризам.
Градот Скопје има шанса да искористи бројни бенефити кои ќе доведат до развој на градот, но од градските власти зависи дали ќе бидат преземени вистинските чекори. Најважно е што во наредниот период се отвораат вратите за да се аплицира за повеќе фондови и од таму да се влечат средства за подобрување на инфраструктурата и за организирање на културната агенда која што треба да се одвива преку целата година во главниот град.
Тоа го потврдуваат искуствата и на другите земји. Еден од најочигледните економски ефекти кај речиси сите досега е зголемувањето на бројот на туристи. Просечниот пораст на ноќевањата во однос на претходните години кај европските престолнини на културата е 12%. Кај некои има пораст и за повеќе од 25%.
Во Монс, кој беше град на културата во 2015 година, се проценува дека секое евро народни пари инвестирани во програмата Престолнина на културата генерира меѓу 5,5 и 6 евра за локалната економија.
Некои градови ја искористија титулата за да ги обноват поранешните индустриски области и да ги трансформираат во нови културни или креативни квартови. На пример, во Кошице 2013 година, приватниот сектор и локалните универзитети работеа заедно за да го трансформираат индустрискиот град, истакнувајќи го креативниот потенцијал на градот.
Има и градови кои не ги искористиле сите придобивки од титулата, често поради проблеми со управувањето, недоволно долгорочно планирање, отсуство на јасни цели и недостаток на искуство во спроведувањето на настан од ваков размер.
Финансиската конструкција за Скопје како Европска престолнина на културата се очекува да се движи околу 10 милиони евра, а Универзалната сала е носител на проектот, каде што треба да се одвиваат најголемиот дел од настаните.
Како што се повеќе градови влегуваат во трката за европски престолнини на културата, значителни суми на пари се издвојуваат за процесот. Додека во раните години на програмата (1985-1994) просечниот оперативен буџет бил околу 25 милиони евра по град, оваа сума достигнала околу 60 милиони евра по град за периодот од 2007 до 2017 година.
Секој град има буџет согласно можностите. На пример – во Монс (Белгија, 2015), Есен (Германија, 2010), Вроцлав (Полска, 2016) и Марсеј (Франција, 2013) буџетите биле во опсег од 70 до 100 милиони евра. Финансискиот придонес на Европската Унија за настанот е околу 1,5 милиони евра по носител на титулата, но градовите преку апликации за награди и различни фондови се очекува да обезбедат дополнителни средства.
Со зголемените буџети, постои и зголемена контрола врз градовите, а целиот процес подлежи и на евалуација, како од Европската комисија, така и од самите градови домаќини.
Според листата на Европската комисија, во 2024 година титулата Европска престолнина на културата ќе ја делат градовите Бад Ишл во Австрија, Тарту во Естонија и Бодо во Норвешка. Во 2025 година градови на европската култура ќе бидат Кемниц во Германија и Нова Горица во Словенија.