Културата во фокусот на состанокот на Четвртата работна група за соработка меѓу Македонија и Бугарија во Софија


Во Софија, Република Бугарија, денеска, 22.3.2022 г.,  ќе се одржи третиот состанок на  Четвртата работна група за билатерална соработка меѓу двете земји, која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот, младите и спортот.

На состанокот ќе учествуваат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорите на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност и на Агенцијата за млади и спорт, Марко Ѓоргиевски и Наумче Мојсовски.

Во рамките на денешната средба е предвидено и потпишување на неколку билатерални документи, меѓу кои: Програма за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Република Бугарија за периодот 2022 – 2025 година; Програма меѓу Владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија за соработка во областа на образованието и науката за периодот 2022 – 2025 година; Меморандум за соработка во областа на младите и спортот,  како и Меморандум меѓу националните агенции Еразмус + и Европскиот корпус за солидарност.

По состанокот се предвидени изјави за медиуми на министерката за култура на Северна Македонија, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и на министерот за образование и наука на Бугарија, Николај Денков.