„Културата и траумата… од Златко Крамариќ треба секој да ја прочита, вели Весна Мојсова-Чепишевска

Академици, универзитетски професори, домашни и странски дипломати, политичари, истражувачи, писатели, музичари, ликовни уметници, лекари, актери, книжевни преведувачи – сите заедно ја исполнија книжарницата на „Матица македонска“ на промоцијата на книгата „Културата и траумата: Писмо до бугарскиот пријател“ од познатиот хрватски научник, универзитетски професор и дипломат, Златко Крамариќ. На моменти, книжарницата беше и мала за сите што сакаа да ги прочитаат новите страници за македонскат историја и за македонската сегашност.
„Македонска интелигенцијо, под ознаката ‘задолжително’ треба да стои: ‘оваа студија под итно секој еден треба да ја прочита, секој еден што се чувствува како дел од македонската интелигенција’“, порача универзитетската професорка, Весна Мојсова-Чепишевска, којашто беше промоторка на книгата, во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“.
– Преку анализа на литературни текстови и културни и политички феномени и процеси во македонското општество во неговиот јужнословенски, балкански и европски контекст, книгата „Културата и траумата“ од Златко Крамариќ проблематизира актуелни идентитетски прашања. Ова се прави врз основа на увид во стручната и научната литература, критички испитувајќи го не само предметот на анализа, туку и научните теории и соодветноста и веродостојноста на нивната примена во овој случај, истакна Мојсова-Чепишевска.
Како што посочи таа, книгата „Културата и траумата“ го проследува и толкува од високо научно заснована перспектива процесот на конструирање и конституирање на македонскиот национален идентитет од 19 век до неговото „конечно“ формирање во средината на 20 век, кога оваа според некои соседи „замислена заедница“ ги обезбедува сите „неопходни национални атрибути, од кодифициран јазик, граматика, преку историја, традиција, територија, до национални институции (академии, институти, архиви, музеи, галерии, театри…), тие најдобри чувари на националната меморија“, како што пишува и самиот Крамариќ.
– Кога станува збор за 19 век, во македонскиот случај тој е многу сложен, проблематичен и предизвикувачки за секој научник, на што укажува фактот дека 19 век е болна точка и опсесија за многу македонски литературни и културни историчари и теоретичари – пред сè затоа што е потребно да се соочиме со проблемот на „именување“ на тој идентитет што некој сака да го конституира, но и да го верификуваме од денешна перспектива. Авторот покажува дека на овој проблем мора да се пристапи земајќи ги предвид актуелните и релевантните сознанија од современите теории како постколонијалната критика, новата културна историја итн. и ги тестира врз македонскиот пример, што укажува на бројни пукнатини во идентитетските прашања не само во македонскиот случај, туку и во хрватскиот, српскиот, црногорскиот, бугарскиот, македонскиот. Сепак, овој македонски случај му дава можност најјасно да ги покаже, протолкува, посочи промоторката.
Во изданието што е исклучително значаен влог за македонистиката, посебен акцент е ставен и на улогата на Штросмаер, зборникот на браќата Миладиновци и македонскиот идентитет, на модернизмот во мрачните времиња, на создавањето на македонската интелигенција и на новите политики кон новите идентитети. Посебно внимание заслужува воведниот текст во книгата, „Писмо до буарскиот пријател“ е и своевидна реакција на Крамариќ на етикетирањето од одредени „бугарски адреси“ дека тој е приврзаник на „македонски национализам“.
Пред присутните, Крамариќ се осврна на многу клучни прашања и аспекти за македонскиот идентитет, но и воопшто за историските и актуелни состојби и околности на Балканот, што поттикна дискусија со него и по завршувањето на промоцијата.
Книгата „Културата и траумата: Писмо до бугарскиот пријател“ е достапна во книжарниците на „Матица македонска“ и онлајн.
Maнифестацијата „Книга во секој дом“ ќе трае до 15 мај, а покрај промоциите и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за голем број книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти.