Култот кон оружјето пука кај недолжните


Синот на пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми и нивниот роднина што беа погодени од заскитан куршум на свадба завчеравечер во Мала Речица, се надвор од животна опасност. Од тетовската болница информираат дека двајцата ранети момчиња имале повреди на градите и поради сериозноста се однесени на скопската Клиника за торакална хирургија. Веднаш им била извршена операција, по што двајцата се во стабилна состојба.
„Дежурна екипа ги примила двајцата повредени со по една рана во пределот на градите. Едниот повреден веднаш по првата помош е однесен во Клиниката за торакална хирургија во Скопје. По направени иследувања и опсервации и поставена индикација и за вториот е донесена одлука да се однесе на истата клиника“, изјави раководителот на Одделението за хирургија при Клиничката болница во Тетово, Илбер Бесими.
Министерството за внатрешни работи извести дека инцидентот се случил во вторникот околу 22 часот на свадбена свеченост организирана во двор од куќа на 47-годишен маж.
„Со повреди се здобиле А.Б. (27) од Мала Речица и Ф.А. (26) од Голема Речица. Јавен обвинител и екипа од СВР Тетово извршиле увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, велат од полицијата.
Истрагата сѐ уште не утврдила кој пукал. Веднаш по несреќата, проструија гласишта дека токму Џеват Адеми (57) го иницирал инцидентот. Сепак, блиски на семејството демантираат оти тој пукал во воздух. Пратеникот, кој е поранешен член на ОНА и поранешен заменик министер за локална самоуправа, вчера беше недостапен за коментар.


Ваквите инциденти не се новост во земјава, напротив заскитаните куршуми ги полнат болниците и страниците на црните хроники во весниците веќе со години и со децении. Се памети случајот со 18-годишната Наташа Кметовска од скопско Побожје која загина при прославата на новогодишната ноќ на плоштадот во Скопје. Недостига видлива реакција од надлежните органи во превенцијата, а потоа и во санкцијата за прекршителите.
Полициските инспектори што работат на вакви случаи објаснуваат оти тие се исклучително тешки за расчистување, затоа што најчесто станува збор за истрелани куршуми од непознато место, растојание, оружје и лице. И покрај тоа, се преземаат опсежни мерки, анализа на зрната и другите придружни елементи. Посебна приказна се свадбарските пукања, бидејќи роднините вообичаено се солидализираат со пукачот и не сакаат воопшто да соработуваат со истрагата, па дури и при трагични епилози.
Од невладината „Цивил“ апелираат до домаќините и организаторите на семејните веселби да ги заменат пиштолите и куршумите со легални начини, како што се огнометите и тоа ракувани од квалификуван персонал.

„Славеничкото пукање е забрането со закон и е дел од традиција која им припаѓа на минатите векови кога луѓето немале телефони и други комуникациски алатки. Тоа е примитивно, опасно и незаконско. Апелираме и МВР да преземе конкретни мерки и да воведе строги санкции за употребата на оружје како дел од изборните прослави. Секоја година, ние како организација која е дел од Меѓународната акциона мрежа за борба против нелегалното оружје, континуирано излегуваме со серија препораки за контрола на оружјето. Владата на Никола Груевски беше глува кон нашите препораки, а ги сопре и проектите за превенција и реформи во полицијата од кои дел беа посветени на овие теми. Истите правила, истиот закон важат и денеска во Македонија. Ситуацијата не е променета“, заклучуваат во „Цивил“.
Оваа организација континуирано ја алармира јавноста и институциите за теми и настани поврзани со контролата на оружјето во изминатите 19 години и спроведува кампања за јакнење на јавната свест за надминување на култот кон оружјето и насилството во земјата.
„За жал, во Македонија и свечености, радосни моменти во секојдневието на граѓаните, завршуваат со повредени лица или со загубени човечки животи. Крајно време е засегнатите страни во доменот на општеството, институциите и владата да преземат сериозни чекори за надминување на култот кон оружјето и другите проблеми поврзани со оружјето. Контролата на оружјето не е само полициска задача, туку тоа е дел од долгорочни и мултидисциплинарни мерки за справување со култот кон оружјето“, бараат во „Цивил“.

Казните и парични и затворски
Годинава ова е прв инцидент на свадба во Полошко, каде сватовите завршуваат со тешки повреди. Изминативе месеци заскитани куршуми завршуваа во автомобили на граѓани. Лани имаше регистрирано неколку повредени од истрели од огнено оружје на ваквите церемонии, а во 2015 година во Гостивар, од испукан куршум на свадба, загина 10-годишно дете.
И од СВР Тетово, потврдуваат дека на свадбените церемониии во Полошко има честа употреба на огнено оружје, и понекогаш роднините кои дошле да се веселат завршуваат во болница, а исходот знае да биде и многу потрагичен.Експертите што ги консултуравме велат дека треба да се засили контролата на полицијата во летниот период.
„Во летниот период, надлежните треба да ја засилат контролата околу употребата на оружје на свадбени церемонии и секој што го злоупотребува оружјето може да се пронајде според испуканите куршуми. Тоа треба да се проверува, не да чекаме тој куршум да заврши во некого“, вели Ќебир Авзиу, професор по криминалистика при Универзитетот во Тетово.
Казните за употреба на оружје на јавно место се движат од 100 до 500 евра, а доколку со негова употреба се загрози нечија безбедност – сторителот се гони кривично.

Горан Адамовски

Зоран Димовски