Култната „Славија” стана модерен спортски комплекс


 Со интонирање на химната, со огномет и со многу возбуда, вчера вечер, после неколкумесечни интензивни градежни активности на Општина Кисела Вода, беше ставено во функција возобновеното игралиште „Славија“, простор кој сега нуди најсовремено кошаркарско, фудбалско игралиште, модерни терени за тенис и пинг понг, создадени според највисоките меѓународни стандарди.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека со тоа се исполнети дадените ветувања ,и го истакна значењето на овој спортски комплекс и за Пржино и за цела Општина Кисела Вода со надеж дека „Славија“ повторно ќе го здобие имиџот на култно место од кое ќе се родат многу познати спортски имиња, многу нови млади таленти.

-Се до денес игралиштето “Славија” беше живо само во спомените. Реалноста беше поразителна. Од култно место, од еден спортски белег на нашата општина, просторов беше оставен да пропаѓа, целосно запуштен и неугледен. Многумина претходно ветуваа, но се чинеше дека оваа тема никогаш нема да дојде на дневен ред. Водејќи се од она во кое силно верувам, дека “Исполнетите ветувања се огледало на интегритетот и преданоста на еден човек”, пред неколку месеци започнавме со интензивни градежни активности чиј резултат го гледаме сега. “Славија” од денес е модерен спортски комплекс подготвен да биде центарот на спортските збиднувања за сите тенисери, фудбалери, кошаркари, пигпонгари, простор за рекреација и спортска активност на сите наши жители, рече Ѓорѓиевски.

На површина од 1350 квадратни метри, комплексот нуди најсовремено кошаркарско, фудбалско игралиште, модерни терени за тенис и пинг понг, создадени според највисоките меѓународни стандарди. Поставена е и урбана опрема, ограден е и осветлен, што го прави овој спортски центар удобен и безбеден за користење дури и во вечерните часови.

-Инвестициите на Општина Кисела Вода насочени кон обнова и изградба на спортската инфраструктура, на давање нов сјај на запуштените спортски терени и локации кои некогаш беа култни места, нема да сопрат. За само две години од мојот мандат, дури осум вакви терени се возобновени, изградени или во завршна фаза на изградба. Ќе ги споменам “Оксиген”, новите терени  во ООУ “Круме Кепески” и ООУ “Партенија Зографски”, во Потстаница, во населбата Драчево, во Теферич кој е во завршна фаза, мини рекреативниот центар во Усје и секако спортскиот центар “Славија” кој вечерва е поводот за нашето присуство, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.