„Кула крај море“: Промоција на најмистичната поетска збирка на Влада Урошевиќ на 6 мај
Издавач е „Антолог“, а книгата ќе ја промовира Иван Џепароски
Дванаесеттата збирка поезија на академик Влада Урошевиќ, насловена „Кула крај море“, ќе биде промовирана в среда (6 мај) од 19 часот во „Метаноја“ во Скопје. Издавач е „Антолог“, а книгата ќе ја промовира Иван Џепароски.
Од „Антолог“ велат дека „Кула крај море“ е една од најзрелите и најмистично градени збирки на Урошевиќ, како и дека е синтеза на речиси сите негови опсесии: митот, сонот, симболот, метафизиката, морето и огледалото на зборот.
„Ретко кој поет како Урошевиќ може да се пофали со толку континуирана посветеност на ‘тајната што се објаснува само со друга тајна‘, со една исклучителна ерудиција и љубопитство (за магија и митологија, за астрологија и алхемија, за археологија и ентомологија, за историја на цивилизациите и културите…), ретко кој поет одново и одново успева да восхити и да изненади. И секогаш – како првпат!“, стои, меѓу другото, во рецензијата на проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска.
Урошевиќ (1934, Скопје) е поет, прозен автор, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите и член на повеќе странски академии.
На Струшките вечери на поезијата трипати ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга: за „Летен дожд“, „Ѕвездена терезија“ и за „Хипнополис“. Во 2023 го доби Златниот венец на Струшките вечери на поезијата како трет македонски поет, по Блаже Конески и Матеја Матевски. За романот „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, со поднаслов „Старовремски роман“, ја доби престижната книжевна награда Роман на годината за 2022.
За неговиот книжевен и преведувачки опус, во 1987 владата на Франција му го додели државниот орден „Витез на редот на уметноста и литературата“, а во 2011 го одликуваше со повисок степен на истиот вид орден, „Офицер на редот на уметноста и литературата“. Носител е на државното признание „Свети Климент Охридски“ и на признанието на Град Скопје „13 Ноември“.
Поетските книги на Влада Урошевиќ се преведени и објавени на англиски, бугарски, италијански, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик.