„Кукла жива“: Тамара на 3 септември ќе го промовира првиот визуелен албум во Македонија


Тамара Тодевска е повторно во фокусот на македонската музичка сцена со нејзиниот нов студиски албум „Кукла жива”. Албумот составен од 10 песни и 10 визуелни приказни постепено ја водат публиката кон промоцијата на 3 септември и до концертната промоција на 3 октомври во арената „Борис Трајковски“. На албумот, како што вели поп-ѕвездата, работат некои од најдобрите музичари во Македонија, комплетно сниман со живи инструменти и песни кои се инспирирани од различни периоди на нејзиниот живот.

„10 песни. 10 приказни. Една нова ера. Визуелниот албум ‘Кукла жива’ пристигнува на 3 септември“, објави Тамара на социјалните мрежи.

Пејачката откри дека станува збор за визуелен албум и ги повика обожавателите однапред да го зачуваат изданието за да бидат меѓу првите што ќе го слушнат. Веќе три песни од албумот се веќе објавени: „Кукла жива“, „Дранжма Квин“ и „Дива“. 

Музиката и текстот се потпишани од Коста Петров и Тамара Тодевска, а продукцијата е на Емин Џијан. 

Поп-пејачката на насловната слика за албумот позира во смело црно издание. Црно-белата фотографија е дел од визуелниот идентитет на новиот проект.

На црно-белата фотографија пејачката е со кратка руса коса, а телото ѝ е прекриено со црна, сјајна креација која остава впечаток на скулптура и ја нагласува нејзината силуета. Со рацете поставени на колковите и сериозниот поглед кон камерата, Тамара изгледа самоуверено и моќно, а целиот визуелен концепт има уметничка и футуристичка нота. Во заднината дискретно е испишано нејзиното име, додека насловот „Кукла жива“ е испишан со црвени ракописни букви.

„Да напишеш книга е едно. Да напишеш албум е нешто сосема друго. А да пишуваш албум за уметник како Тамара е искуство што никогаш нема да го заборавам.

Плачевме. Се смеевме. Се каравме. Се преиспитувавме. Бришевме, менувавме и почнувавме одново. И некаде помеѓу сето тоа, создадовме нешто што за нас е навистина уникатно.
Овој албум е патување низ болката, страдањето и простувањето. Но, пред сè, ова е албум за љубовта.
Љубовта што боли.
Љубовта што нè менува.
Љубовта што нè крши.
Љубовта што нè учи да простуваме.
И љубовта што, на крајот, нè прави посилни.
Затоа што, после сè што ќе поминеме, на крајот останува љубовта.
Неизмерно сум горд што бев дел од создавањето на овие песни и што конечно можам да ги споделам овие зборови со вас.
Од 3 септември, овие песни повеќе нема да бидат само наши. Ќе му припаѓаат на секој што ќе се пронајде во нив

„Кукла жива“ носи десет песни, а со новото издание Тодевска отвора ново поглавје во својата музичка кариера“; напиша на ФБ постот, авторот на текстовите, Коста Петров.

Тамара е присутна на македонската музичка сцена повеќе од две децении. Македонија ја претставуваше двапати на Евровизија, во 2008 година во Белград, заедно со Врчак и Адријан Гаџа, и во 2019 година во Тел Авив со песната „Proud“. Тогаш го постигна најдобриот резултат на Македонија на Евровизија, освојувајќи го седмото место во финалето.