„Куќа во куќа“- промоција на новата стихозбирка од Гордана Михаилова Бошнакоска


Во паркот на книгата на Матица Ексклузив на 15 јуни (четврток) во 13 часот ќе се одржи промоција на стихозбирката „Куќа во куќа“ од Гордана Михаилова Бошнакоска. Изданието на познатата поетеса ќе го промовира д-р  Славчо Ковиловски, а стихови ќе интерпретира актерот Владо Јовановски.

„Куќа во куќа“ е четиринаесета поетска книга на Бошнакоска, во која авторката со тон на тревожност пее за судбински теми и остварува една нова димензија во нејзиното богато творештво. Всушност, во стиховите од оваа книга, поетесата следи мноштво актуелни настани кои се случуваат во Македонија.

Гордана Михаилова Бошнакоска е автор на богат поетски и прозен опус, за кој е добитник на значајни книжевни награди, меѓу кои и на наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија.