Кубанска магија: Двочасовна журка со бендот на Ален Перез и Националниот џез оркестар во Скопје
Дека музиката ги урива сите јазични, култоролошки и секакви други бариери се потврди на најуверлив начин и синоќа во Скопје на концертот на кубанската ѕвезда Ален Перез (Alain Pérez) и неговиот la Orquesta заедно со Националниот џез оркестар, кој прерасна во голема двочасовна журка во распродадената сала на Националната опера и балет.
Кубанските ритми им „легнаа“ на присутните на концертот, а за атмосферата се погрижи харизматичниот Перез, кој без оглед што не владее кој знае како со англискиот, сосема добро комуницираше и на шпански јазик. Ако некој пред концертот имаше дилема како ќе се вклопи кубанската музика со македонските музичари, тоа исчезна веднаш по првите тактови преку синергијата која го воодушеви и самиот Перез.

Преку новинарски извештај од настанот навистина е тешко да се пренесе сѐ она што се случуваше на сцената и меѓу публиката, која уживаше и играше во комбинациите на салса, тимба, румба и џез проткаени со препознатливата кубанска енергија на осумчлениот бенд, во кој покрај Перез како солист, имаше и двајца придружни вокалисти, двајца тапанари, плус еден на конги, како и незаобиколните клавијатурист, гитарист и бас гитарист.

Перез е познат не само како извонреден пејач, туку и како мултиинструменталист, а својата виртуозност ја покажа преку вовед во три различни нумери, свирејќи на клавијатури, на гитара, а особено одушеви на бас гитарата по што е особено познат.

Најавата на организаторите дека во Скопје ќе се случи кубанска џез експлозија во целост се оствари. Би рекле, дека беше и кубанска магија. Синоќа Скопје беше една од станиците на Перез како дел од европската турнеја La Fiesta Tour.
Перез е музичар кој со децении ја пренесува енергијата на кубанската музика на светските сцени. Како што беше посочено и во најавата за концертот, како мултиинструменталист, пејач, композитор и продуцент, стекна светско признание како член на легендарниот латинo-џез состав Irakere под водство на Chucho Valdés, и како долгогодишен соработник на фламенко-иконата Paco de Lucía.
Во текот на кариерата соработувал со музички великани како Chick Corea, Wynton Marsalis, Celia Cruz, Rubén Blades, Paquito D’Rivera, Diego El Cigala и Isaac Delgado, создавајќи уникатен звук кој ги спојува салсата, тимбата, џезот и фламенкото во моќна музичка експлозија.
Овој 49 годишен музичар до сега има издадено тринаесетина албуми, а во 2022 година беше добитник на признанието Latin Grammy за Cha Cha Chá: Homenaje a lo tradicional за Најдобар традиционален тропски албум (Best Traditional Tropical Album), почест што се доделува секоја година на Латино Греми наградите, церемонија на која се признава извонредноста и се создава поширока свест за културната разновидност и придонесите на латино уметниците што снимаат во Соединетите Држави и на меѓународно ниво. Со Bingo (2025), неговото најново големо издание, му донесе номинација за Греми во 2026 година.
Перез денес важи за еден од најистакнатите претставници на современата афро-кубанска музика, а тоа и го докажа и синоќа во Скопје на музичката кубанска фиеста, со енергија и ритам што се чувствуваа со целото тело. (М.Ј.)