Куба ја откажа парадата на Меѓународниот ден на трудот поради недостиг на гориво


Кубанската комунистичка влада во понеделникот ја откажа традиционалната првомајска парада поради недостиг на гориво.

Секоја година стотици илјади луѓе од целиот остров брзаат да го наполнат Плоштадот на Револуцијата во Хавана на Меѓународниот ден на трудот, пишува Би-Би-Си.

Но, оваа година, за прв пат по револуцијата во 1959 година, прославата беше откажана поради економски причини.

Огромни проблеми со горивото
Последниве недели на бензинските пумпи се формираа долги редици со возачи кои често чекаат со денови да дојдат на ред.

На почетокот на април, претседателот Мигел Дијаз-Канел рече дека Куба добива само две третини од потребното гориво, додавајќи дека добавувачите не ги исполнуваат договорните обврски.

Иако Куба има пристап до сурова нафта со послаб квалитет, островот нема капацитети за нејзина преработка поради американските санкции.

Испораките на сурова нафта со повисок квалитет од Венецуела, најголемиот снабдувач со гориво на Куба, паднаа за 50 отсто во последните години.