Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ дискриминира по национална и етничка припадност, утврди Комисијата за заштита од дискриминација


 

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дискриминација по основ на национална и етничка припадност за основањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во Битола, соопшти Весна Бендевска, членка на Комисијата на денешната прес-конференција.

КСЗД утврди и индиректна дискриминација извршена од страна на Министерството за правда, поради пропуштање на извршување на своите законски надлежности, со коишто му овозможиле на здружението да врши дејствија спротивни на законот.

Комисијата постапи по овој случај по претставка поднесена од Сојузот на борците од Битола.

Комисијата утврдила повеќекратно вознемирување кон членовите, семејствата, поддржувачите и почитувачите на Сојузот на борците, но и кон македонскиот народ и припадниците на сите заедници во македонското општество.

Весна Бендевска од Комисијата за заштита од дискриминација на прес конференција рече дека Комисијата утврдила и продолжено повеќекратно повикување, потикнување и инструкција за вознемирување од културниот клуб „Иван Михајлов“ кон Сојузот на борци – Битола и кон припадниците на македонскиот народ и заедниците.

Комисијата донесла неколку препораки:

„Се препорачува здружението да ги отстрани сите спорни елементи во името, статутот и програмата во рок од 45 дена.  Да ги отстрани сите спорни содржини од својата Фејсбук страница кои предизвикуваат вознемирување поврзани со ликот и делот на Иван Михајлов во најкус рок, но не повеќе од 30 дена и што е најважно се препорачува Министерството за правда да изврши надзор врз законистоста на примената на одредбите на Законот за здруженија и фондации кој забранува да се организираат и формираат здруженија кои потикнуваат ширење на расна нетрпеливпост во рок од 45 дена и за тоа писмено да ја извести Комисијата“, рече Бендевска.