КСС од утре на протест за усогласување на платите

КСС, секојдневно од утре, во попладневните часови ќе протестира од Собрание до Влада


Фото: Б. Грданоски

Од вторник секој ден на протести излегуваат неколку грански синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, кои неисполнетите барања ги доставија до Владата.

Како што информираше претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес – конференција пред неколку дена решението е едноставно – зголемување на бодот согласно членот 88 од Законот за административни службеници, од страна на Владата, потенцирајќи дека со тоа би се усогласиле платите и би се задржал распонот на платите помеѓу вработените со средно и високо образование.

Како што рече, бодот би требало да се зголеми на 103 денари бруто.

За протестот на КСС поддржка дадоа повеќе грански синдикати, како Унијата на независни и свтономни синдикати на Македонија,Независниот синдикат на одбраната, Пензионерскиот синдикат, Синдикатот за угостителство и туризам, но и СОНК.

Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија (УНАСМ) со безрезервна поддршка за протестите на гранските синдикати при Конфедерација на слободни синдикати на Македонија-КСС. УНАСМ дава целосна поддршка за напорите кои ги вложуваме како Конфедерација за унапредување на работничките права, соопштија од таму.

СОНК дава безрезервна и максимална поддршка на Вашата одлука за организирање масовни работнички протести поради крајно некоректниот однос и игнорирање од страна на Владата по однос на Вашите барања, а тоа е усогласување на платите со минималната плата, односно покачување на бодот како најбрзо решение во овој момент.

Исто така, СОНК стои зад Вас во однос на непризнавање на заклучокот од Владата дека за ваквите барања за усогласување на платите со минималната плата потребен е период од 6 месеци, бидејќи за истите овие барања изминатите години, надлежните немаа слух, велат од СОНК.

Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија дава безрезервна поддршка на претстојните протести на гранските синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија коишто ќе започнат од 26 април.

Сметаме дека Владата треба да ги исполни барањата на синдикатите и да го зголеми бодот на вработените во јавната администрација. Револтот станува сé поголем од ден на ден и тоа не само кај вработените во јавниот, туку и во приватниот сектор, велат од СУТМ.

Пензионерскиот синдикат на Македонија безусловно и целосно ги поддржува протестите на гранските синдикати при КСС кои започнуваат од вторник (26 април).

Животот во Македонија станува се поскап, а платите стагнираат. Од друга страна некои синдикати започнаа преку радикални мерки да ги бараат своите права, па според нас нормално е и останатите синдикати да го направат истото, додаваат пензионерите.

Независниот синдикат на одбраната дава потполна поддршка на протестите на своите братски синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и им изразува целосна солидарност.

Браќа и сестри синдикалци, секој работник заслужува да има пристојна и достоинствена плата во Македонија. Живееме во време кога инфлацијата постојано расте, а платите не се доволни за да се преживее месецот, па оттаму барањето на нашите братски синдикати за зголемување на бодот на вработените во јавната администрација е сосема оправдано. Ова го рековме и во претходната поддршка за протестот кој се одржа на 30 март, а го велиме и сега од причина што е од суштинската важност за вработените во јавната администрација, вклучително и во Армијата, додаваат од Синдикатот.