КСС на протест пред Владата: Кебап за работникот – бифтек за владата!

„Кебап за работникот - бифтек за владата“, членовите на КСС ја нагласуваат разликата во примањата на работниците и функционерите


КСС дели кебапи и сендвичи пред Владата (Фото: Б. Грданоски)

Скара се разврте за Први мај пред владата. Конфедерацијата на слободни синдикати традиционалниот првомајски протест го почна во 10 часот утрово, одделно од протестот на Сојузот на синдикатите на Македонија. 

Со транспарент испишан и закачен на тарабите пред владатана кој пишува „Кебап за работникот – бифтек за владата“, членовите на КСС ја нагласуваат разликата во примањата на работниците и функционерите.  Особен револт предизвика последното покачување на платите на државните функционери, судии, обвинители и други избрани и именувани лица, за кои се пресмета дека зголемувањето изнесува и до 78 отсто. 

Моќна порака од работниците за функционерите (Фото: Б. Грданоски)

Првомајските протести годинава ќе поминат и во знакот на барањето за почитување на правото за пристојно работно време кое произлезе по најавите за 60-часовна работна недела како дел од пакетот закони кои се во собраниска процедура, а се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д. Синдикатите реагираат на ваквите законски одредби и бараат нивно повлекување бидејќи, според нив, со тоа се прави обид да се погази фундаменталното право за пристојно работно време за кое се изборија работниците со штрајкот организиран во Чикаго во 1886 година.

Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделковски рече дека состојбата на работниците во државава и понатаму е непроменета.

– Изминатите години искажуваме какви се реалните состојби во државата во однос на работничките права и кршењето на закони и колективните договори. Не се согласуваме „ќебапче за работникот, бифтек за власта“, тоа ниту е правда, ниту е правичност, ниту еднаквост, се ќе сториме да ја доведеме правдата во Македонија, правдата во однос на социјалниот дијалог, партнерство и почитување на работничките права. Исто и за правото за пристоен живот, тоа одамна го кажавме, а се уште кубуриме. „Без социјална правда нема социјален мир“ овој слоган го изнесовме пред неколку години на улица и кажавме дека нема да има социјален мир, додека нема социјална правда. Токму затоа и денеска сме тука не само поради симболичниот ден 1 Мај, туку да искажеме и дека доколку и понатаму нема социјална правда ќе нема ни социјален мир, порача Неделковски.

Претседателот на Синдикатот на станбено-деловни, комунални и водостопански организации, (ССКО), Зоран Антовски ги повтори претходно искажаните барања и го посочи зголемувањето на платите на функционерите како разочарувачки чин.

– Бараме почитување на работникот и неговиот труд, бараме реален социјален дијалог, бараме зголемување на платите согласно законот за минимална плата, бараме К- 15 согласно стандардите, бараме почитување и спроведување на сите колективни  договори и сите права согласно законите. Само да потсетам дека за жал господата функционери си ја зголемија платата, додека работникот го ставија на простачки стап, реагираме бурно 5 години и веќе ја претераа, изјави Антовски.

Првомајски протест пред Влада (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Синдикатот на полицијата во Македонија, Орце Коцевски рече дека доколку не биле заканите и притисоците врз вработените во МВР, на протестот ќе имало многу повеќе присутни.

– Тука помеѓу нас гледам и вработени во МВР и ви се поклонувам, бидејќи и покрај сите притисоци и заплашувања денеска заедно го кренавме својот глас. Ќе не имаше повеќе да не беа секојдневните притисоци и закани, да не се излезе на овој протест. Правевте притисоци, малтретиравте, вознемирувавте, незаконски распоредувавте, суспендиравте, потпишавте стотици законски решенија, неосновано казнувавте празнично, симнувавте степени подолу, дававте незаконски наредби, се мешате во независноста на синдикатите, малтретирате синдикални претставници, но не успевате да не замолчите. Во услови кога некој протестира, а некој прави скара и ужива во дневници, хонорари, додатоци, срам ми е да кажам и да признаам дека едно време ценетата и добро вреднувана професија – полицаец, веќе не е тоа што беше, посочи Коцевски.

Инаку, работниците денеска присуствуваат на два оддели маршеви, затоа што двата најголеми синдикати во земјава денеска го одбележуваат 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, во различно време и со различни маршрути.

Протест на КСС пред Влада (Фото: Б. Грданоски)

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) во 10 часот, а Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во 12 часот.

Првомајски протест (Фото: Б. Грданоски)

Поддршка на двата синдикалните протести најавија и од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) од каде порачаа дека е крајно време да се обединат сите синдикати. Оттаму порачаа дека нивните членови може да протестираат од 10 до 14 часот и да им се придружат и на ССМ и на КСС.

Првомајски протест пред Собранието

Пред синдикатите останува и битката за потпишување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со кој меѓу другото се бара враќање на правото за исплата на регрес за годишен одмор во јавниот сектор, популарниот К-15, исто како и во приватниот сектор.

Годинава, протестите се одржуваат под мотото „Работниците се државата“.

Први мај како Меѓународен ден на трудот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Се одбележува секоја година во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго организиран со цел воведување на осумчасовен работен ден.

Порака на протестот за Први мај од ССМ (Фото: Б. Грданоски)

Во знак на почит кон жртвите, Втората интернационала на основачкиот конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба.

Во земјава, 1 Мај е државен празник. Порано се одбележуваше два дена (1 и 2 мај), а од 2007 година се одбележува само на 1 мај.