КСОМ им нуди правна помош на стечајците од велешка „Порцеланка“


 Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) на денешниот состанок во големата сала на Општина Велес на кој присуствуваа голем број поранешни вработени – стечајци од велешка Порцеланка им понуди бесплатна правна и друга помош да ги наплатат заостанатите плати за кои уште од пред 20 години имаат правосилни решенија, како и отпремнините и испратнините.

Станува збор за околу 1.750 поранешни вработени стечајци од Порцеланка. Секој од нив треба да добие во просек 80.000 денари, а некои и до 600 илјади денари.

Марјан Ристески претседател на КСОМ на состанокот им вети на стечајците од Порцеланка дека тие со својот адвокатски тим бесплатно  им стојаат на располагање да ги разгледат документите и да се направат напори да им помогнат да си ги добијат заслужените пари од плати и други побарувања. За таа намена тие денеска формираа и координативно тело од седум стечајци од „Порцеланка“, кое заедно со КСОМ ќе работи на случајот и исправање на неправдата која им е нанесена на работниците.

-За жал состојбата е тешка, а ова не е единствен случај во земјава. Има многу вакви, па и сега постоечки фирми како „Отекс“ Охрид која се уште работи, каде работниците не можат да си ги земат заостанатите плати за кои имаат добиено судска извршна пресуда и треба да си ги наплатат побарувањата, но работите во изминатите години некој ги кочел, појасни Ристески.

Тој  потенцира дека некој свесно 20 години ги манипулира овие луѓе, од фирма која е згасната и не постои, а луѓето се изиграни.

Ристески најави дека КСОМ ќе го актуелизираат проблемот во Социоекономскиот совет и со министрите и премиерот, до кого ќе се обратат, ќе бараат решавање на проблемот за оваа и останатите стечајни фирми во земјава каде работниците имаат судски извршни решенија, а не им се исплатени парите по разни основи.

Работниците од Порцеланка прашаа каде се парите кои пред 20-тина години стигнале во Порцеланка и требало да им бидат исплатени, но тие и покрај правосилните судски решенија, не ги добиле бидејќи некој ги изманипулирал. Револтирани се и од фактот што тогаш некои добиле отпремни за пензија и испратнини за стечај, а некои не.