Кржалоски: Корупцијата е прифатлива за голем дел од граѓаните

Корупцијата е распространета и прифатлива за поголемиот дел од граѓаните и борбата во таква ситуација е потешка, изјави денеска претседателот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) Александар Кржаловски на средбата на високо ниво „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“, која МЦМС ја организира во име на Регионалната мрежа за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ).
– Но она што е впечатливо не само за Македонија, туку и во целиот балкански регион е дека во овие 10 години е влошена ситуацијата. Имаше напредок фактички кога се отвораа преговорите со Србија и Црна Гора, и кај нас имаше во периодот 2010 до 2015, но оттогаш последниве десет години секаде освен можеби малку во Црна Гора е влошена ситуацијата со корупцијата во целиот регион, изјави Кржалоски.
Истражувањето од минатата година за целиот регион укажува на се уште високо ниво на коруптивен притисок односно на многу луѓе им се бара мито.
-Во регионот е просекот некаде 33 отсто, кај нас е 31, со тоа што исто така многу луѓе и даваат мито. Во регионот е 31, значи многу е мал отпорот на корупција, речиси 90 отсто од тие што им било побарано и даваат мито, кај нас е 26, значи има некакво намалување од претходно, вели Кржаловски.
Пет отсто, додаде тој, е само разликата меѓу тоа што било побарано и тоа што било дадено. И тоа, како што нагласува Кржалоски, фактички укажува дека корупцијата толку е распространета и прифатлива за поголемиот дел од граѓаните, и во таква ситуација борбата е потешка.
-Ова што го кажав за барањето поткупи и давањето, е виктимолошка анализа, не е само перцепција односно јавното мислење што мислат луѓето за корупцијата, туку навистина се оди на случаи каде што било побарано и било дадено и да се оди подлабоко во анализа, објаснува Кржаловски.
Една од целите на оваа средба, како што појасни тој, е да се прикажат нелегалните финансиски текови и како институциите не функционираат односно се заробуваат од страна на владејачките партии што, додава Кржалоски, треба да го согледаме како феномен и превенираме за понатаму, бидејќи тоа го кочи развојот на државите, се губи довербата во системот и со тоа институциите не ја извршуваат својата функција, корупцијата расте, а развојот е намален или стагнира.
За истражувањето за заробеноста на државата во последните две три години се применува нова методологија за, како што нагласи Кржалоски, да се види како тоа се случува.
-Од партиските статути кои нели стимулираат лојалност кон лидерот наместо мерит процес за кои сите се залагаме, потоа кога ќе се дојде на власт се стават партиски луѓе наместо правите луѓе на правите места и потоа тоа се придонесува фактички институциите да станат заробени, да не ги извршуваат своите функции, туку се повинуваат на потребите на партијата, вели Кржалоски.
Во дебатата на средбата на високо ниво која се случува по трагедијата во Кочани и која покажа дека во земјата постои високо ниво на корупција и мито што доведе до загуба на голем број човечки животи, заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење Арбен Фетаи истакна дека Владата нема да толерира неодговорност, неотчетност, статус-кво ситуации ниту компромиси.
Фетаи кажа дека со трагедијата во Кочани видовме дека корупцијата не убива, и дека со претходните трагедии загубивме преку 135 наши сограѓани. Владата, кажа тој, наследи гнил систем, но е целосно посветена и сака да изгради систем што ќе функционира.
Вицепремиерот кажа и дека досега се реализирани само 18 отсто од мерките за борба против корупцијата, како и дека досега иако имало напредок не сме блескале како држава посочувајќи на настаните поврзани со Специјалното јавно обвинителство и носењето на измените на Кривичниот законик. Имаме, кажа Фетаи, нула одлуки за корупција, како и малку одлуки за конфискација на имот.
Фетаи рече и дека се чувствува повлекувањето на американската поддршка за борба против корупцијата, и дека тоа за нас била многу вредна техничка поддршка. Сега, додаде, државата е пред сериозен тест, за што е потребна итна акција и неопходен дијалог со граѓанското општество.
Потсети дека Владата повторно го воспоставила Советот за соработка помеѓу Владата и невладините организации, како и дека тие може да сметаат на стабилно финансирање и оти на тој начин ќе биде постабилно, поиздржливо и поотпорно кон новите предизвици.
Бен Нупнау, заменик на шефот на Делегацијата на ЕУ посочувајќи на податоците од истражувањето за перцепцијата за регионот и процентот од 37 отсто граѓани кои прифаќаат корупција, рече дека ваквиот менталитет е подлога за развој на корупција. Укажа на потребата на натамошен напредок на законската рамка, дефинирање на конкретни цели, како и дека се потребни политички решенија на највисоко ниво. Сепак, нагласи Нупнау, ова е задача на целото општество.
Целта на средбата на високо ниво „Борба против корупцијата: Иновации против нелегалната моќ“, која МЦМС ја организира во име на Регионалната мрежа за лидерство и интегритет во Југоисточна Европа (СЕЛДИ) е клучните носители на политиките, граѓанското општество и меѓународната развојна заедница да дискутираат за иновативни идеи и за итните активности за повторно ангажирање на владите во регионот во борбата против корупцијата, за незаконските финансиски текови и за стратешката корупција. Истовремено, ќе се разгледуваат и правните празнини што овозможуваат перење пари, заобиколување санкции и трговија со стоки со двојна намена.
– Со средбата се очекува да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации во Западен Балкан на локално ниво, со знаења за глобалните антикорупциски трендови, да се осознаат новите насоки на донаторските стратегии и импликациите од геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ, велат од МЦМС.
Настанот е дел од проектот Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитети за застапување врз база на докази, влијание врз политики и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет), финансиран од Европската Унија, а кофинансиран со средства од Централната европска иницијатива. ев/лв/