Крвава прослава на титулата: Еден загина, најмалку 10 повредени во пукотница на собир за Супербоулот во Канзас Сити


Едно лице загина, три се во критична состојба, пет се во тешка состојба, додека едно е надвор од животна опасност во пукање со огнено оружје на собир на победниците во Супербол – Канзас Сити, соопшти локалната полиција.

Полицијата во Канзас Сити објави дека биле регистрирани пукотници во близина на станицата Унион, каде што само неколку моменти претходно играчите на Канзас Сити – Чифс (американски фудбал) им се обратиле на навивачите.

„Секој кој е во близина треба да ја напушти областа што е можно побрзо за да го олесни пристап на медицински тимови за жртвите од пукањето“, објави полицијата на X, поранешен Твитер. Полицијата соопшти дека „две вооружени лица“ биле приведени по инцидентот. 

Првичните извештаи покажаа дека најмалку десет лица се повредени, но тој број се зголеми на 15, додека еден беше убиен во страшно пукање на прославата откако Канзас Сити Чифс го одбрани трофејот Ломбарди со победата над Сан Франциско Фуртиенерс со 25-22 во Супербола LVIII.

Според достапните информации, двајца напаѓачи почнале да пукаат во близина на „Унион станица“ околу 15:30 часот по локално време.

Полицијата ја евакуираше железничката станица бидејќи големи групи луѓе панично бегаа по пукањето, а се очекуваше до милион луѓе да присуствуваат на парадата во Канзас Сити.

Двајца напаѓачи се уапсени, нивните мотиви и идентитет се уште не се познати.

Извештаите покажуваат дека во трагичната прослава биле повредени и неколку деца кои итно биле пренесени во блиската детска болница Мерси.

На директниот пренос на телевизијата КСХБ 41, на споменатата локација, каде се одржа прославата, можеше да се забележи толпа народ. На снимката се гледа како поединци прескокнуваат бариери во обид да избегаат од местото на настанот.