Крушево град на културата за 2023 под мотото „Крушево- жив тестамент на културата“
Под мотото „Крушево жив тестамент на културата“ од петпок и официјално почнува манифестацијата Крушево град на културата за 2023 година. На денешната прес конференција во спомен куќата „Тодор Проески“ во Крушево министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека „Крушево ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе ги промовира македонскиот идентитет и посебност“.
-И не случајно што годинава, кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание, даваме посебно значење и внимание на овој живописен град, богат со историја, наследство, сегашност и иднина, правејќи го и град на културата за сите домашни и странски посетители. Крушево ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе го промовира македонскиот идентитет и посебност. Да се биде „Град на културата“ не е само титула, тоа е можност да се прикаже уникатниот идентитет на Крушево, богатото наследство, енергичноста на уметничка сцена и посветеноста во негувањето на креативноста и културното изразување. Со оваа манифестација оставаме траен белег и го проектираме Крушево на европската мапа како културен и туристички центар, рече Костадиновска Стојчевска.
Еден од приоритетите на Министерството за култура е унапредувањето и достапноста на македонска култура, а преку проектот „Културен град“ го зајакнува културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, преку соработка со локалната самоуправа. Богатата културна содржина, со вклученост на различни групи учесници ќе има свој придонес и за непосредниот економски и туристички поттик на општина Крушево.
-Крушево е град музеј, овде се среќаваат вековни традиции и траги на крушевските трговци, прочуени низ светот, на револуционерното минато, објекти и колекции од оваа колепка на уметностите и занаетите. Крушево и во поновата историја продолжува да ја збогатува сликата за својата посебност користејќи ги сите свои ресурси и ретките природни убавини, рече Костадиновска Стојчевска.
Крушевскиот градоначалник Томе Христоски нагласува дека ова е значајна пресвртница за Крушево бидејќи го зазема заслуженото место како културен епицентар на нашата држава.
-Титулата културна престолнина не е само признание, тоа е доказ за непоколебливата посветеност на градот кон уметноста, неговата посветеност на зачувување и прикажување на неговите културни богатства и неговата посветеност да ги инспирира идните генерации. Крушево ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи реализација на богати културни содржини во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во рамките на културата, рече Христоски на денешната најава на манифестацијата.
Манифестацијата ќе биде отворена в петок, на 26 мај. Попладнето ќе биде посетена Галеријата „Никола Мартиновски“, како потсетник на крушевскиот маестро и неговата уметност. Потоа, пред споменикот „Македониум“, камерниот оркестар од Битола ќе изведе концерт со наслов „Безвременска хармонија“, кога ќе настапат македонски солисти: Елена Ристеска, Мики Јованскови Џафер, Ристо Самарџиев, Дарио, Кристина Арнаудова, Пере, Нокаут, Наде Талеска, Димитар Андоновски, Тамара Стојковска, Марија Цветаноска, Александра Трајческа, и хорот Проарс.