Кругот се стеснува околу Јанева: Фелата се чуди што третиот човек е на слобода


Второто продолжение од снимките што ги објави италијанските весник „Ла верита“ за случајот „Рекет“ го донесе и гласот на специјалната обвинителка во оставка, Катица Јанева. Додека бизнисменот Орце Камчев ноншалантно разговара со Бојан Јовановски и со Зоран Милески околу начинот на кој што им ги спакувал еврата, му текнува да побара потврда и од „жената“ за да не ги дава парите залудно. Веќе во следниот дел од објавена снимка, „жената“, која, според гласот, е Јанева, му вели на Камчев „да не се секира, сѐ ќе биде во ред“.
За оваа снимка дека постои прво проговори обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот „Рекет“. Таа рече дека третото лице, покрај двете што се притворени (Боки 13 и Зоки Кичеец) се слуша на спикерфон во еден од разговорите, но нејасно е зошто досега не беше повикана на распит.
„Слушајќи го сето ова што се случува со предметот ‘Рекет’, прво што ми паѓа на памет е заклучокот дека Обвинителството не ги води работите согласно Законот за кривична постапка донесен во 2013 година. При една ваква ситуација, кога имаме двајца во притвор, а трет се слуша на спикерфон, се поставува круционалното прашање зошто третиот воопшто не е повикан од страна на надлежниот обвинител“, се прашува поранешниот обвинител, Александар Наков во изјава за „Независен весник“.
Тој вели дека веднаш му паѓа на памет појавувањето на државниот обвинител Љубомир Јовески и на обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот „Рекет“, на прес-конференција дента кога беа уапсени Јовановски и Милески, а Јанева поднесе оставка.

Третиот човек
„Самите тие рекоа дека има трет човек чиј глас се слуша како комуницира со притворените, но и со обвинетиот во случајот ‘Империја’, при што говорат за одреден рекет. Тоа е крајно недозволено за еден обвинител, па ако сакате и дополнително за еден шеф на Обвинителство. Затоа, сметам дека тука работите се запоставени од страна на обвинителката што го води случајот. Таа не смееше ни случајно да замине на годишен одмор, да се доведе во ситуација народот да слуша разни снимки од разни страни, да ги преслушува и да ги прераскажува. Внимавајте, дури и признаваат дека ги одзеле телефоните на третото лице. Притоа, едниот телефон бил изгубен, па најден, а вториот форматиран. Па што ако е форматиран? Да му ги земеа на вештачење телефоните на провосомничениот, ќе видеа дали разговарал со третото лице и за што конкретно. Во крајна линија, не се само телефоните. Обвинителството и полицијата имаат свои методи и техники како да дојдат до докази. Да сум на местото на главниот обвинител, веднаш ќе ѝ наложам на обвинителката задолжена за случајот да се врати од годишен одмор и да одговори на клучните прашања“, дециден е Наков.
Според него, овој случај е срам за државата што само покажува дека Македонија и натаму е заробена држава. Последните случувања околу „Рекет“ ја загрозуваат и минималната шанса што постоеше за договор меѓу париите од власта и од опозицијата за законот за обвинителство, односно за иднината на Специјалното јавно обвинителство, кое требаше да биде инкорпорирано во новоформирано обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција.


„Мислам дека од тоа ќе нема ништо. Се сомневам дека станува збор за договор меѓу двете најголеми партии. Но, затоа обврска на медиумите и на правната фела е да ја вратиме довербата во институциите. Очигледно е дека имаме институнационална криза, не работат добро ниту судот, ниту полицијата, ниту обвинителството. Ова е криминална држава, мафијата има сопствена држава“, револтиран е Наков.
Јавниот обвинител, Љубомир Јовески во изјава за „Независен“ тврди дека секој инволвиран во случајот „Рекет“ ќе биде распитан. Тој повторува дека во тек е истражна постапка за случајот, при што се преземаат сите мерки да се утврди вистината според подготвен план.
„Уште еднаш истакнувам дека обвинителството постапува неселективно и ја уверувам јавноста дека секој што е инволвиран во конкретното дело ќе биде сослушан и испитан и по целосно расчистување на истрагата, согласно законот, ќе сѐ донесе јавнообвинителска одлука“, вели Јовески.
Јанева: Одмазда на сегашни и поранешни функционери
Јанева, која и натаму е на одмор во Грција и не одговара на прашањата од новинарите, вчера веднаш се огласи со изјава лиферувана преку Специјалното јавно обвинителство. Таа не негира дека гласот е нејзин, но нагласува оти нејзина обврска како шеф на СЈО била да контактира со сите осомничени и обвинети.
„Фрапирана сум како моите постапки како специјален јавен обвинител се донесуваат во каква била корелација со случајот ‘Рекет’. Како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број информации како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага поединечно. Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина. Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот ‘Рекет’, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име“, наведува Јанева.
Тие што внимателно ја читаа нејзината изјава, можат меѓу редови да прочитаат оти таа го вперува прстот кон лица од сегашната и од проанешната власт како одмазднички чин за предметите што наскоро ќе бидат обелоденетеи против нив.
„Откако ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање, од страна на СЈО, многу нешта ќе бидат појасни за јавноста. Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите, па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети кои се водат во обвинителството. Се надевам дека тоа нема да се случи.
Очекувам пратениците на седница на Собранието на РСМ, во најбрз можен рок да го донесат Законот за ЈО на РСМ. Откако ќе се вратат сите обвинители од ЈО од годишен одмор, пред донесување на законот за ЈО, ќе има целосен отчет за досега сработеното во врска со истрагите и предистрагите кои се водат во СЈО. Тоа е моја обврска и задача која ќе ја презентирам пред јавноста и надлежните институции, со што ќе бидат отстранети сите евентуални притисоци кои би можеле да ги имаат обвинителите во СЈО кои и досега си ги работеа сите кривични предмети, се разбира во заедничка координација со мене. Потоа очекувам овие предмети кои се во СЈО, да продолжат да се работат од страна на надлежното обвинителство, со што ќе се продолжи борбата против корупцијата и борбата за владеење на правото“, заклучува Јанева.