Крмов ќе ја плати штетата што ја направи во Собранието

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, рече дека материјалната штета од инцидентот што го направи во Собранието ќе биде платена, но дека штетата била поголема затоа што, според него, наводно се укинала парламаентарната демократија.
Во разговорот за порталот „Инфомакс“ Крмов рече:
„Материјалната штета во собранието ќе биде платена, но штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија е неповратна. Собранието сега е само обичен извршител на одлуките на владата. Следната влада којашто ќе дојде на власт, практично веќе нема да има собрание. Во собрание мора да има судир на идеи, а не да биде како владата.
Во таква држава, во такво собрание, страшно опасно е да нема филибастер, затоа што од решавање и спречување на штетни политики во собранието, ќе мора тоа да се пренесе на улица. За жал, народот ќе мора така да одговори“.