Кризниот штаб без заклучоци, за анти-Ковид мерките утре ќе решава Владата


Филипче: Б. Грданоски
Министерот за здравство Венко Филипче утрово пред Главниот Координативен Кризен Штаб (ГККШ) ги предложил мерките за невакцинираните вработени во јавниот сектор и здравствените работници на Комисијата за заразни болести кои со консензус беа усвоени минатата недела, но на состанокот  на ГККШ не се донесени заклучоци, информираа од Министерството за здравство.
 
Новите предлог мерки за заштита од Ковид-19, како што најавија од МЗ, ќе се разгледуваат утре на седница на Влада. За вечер е предвиден состанок на Филипче со синдикатите и нивните предлози ќе бидат доставени до Владата.
 
На состанокот на ГККШ Филипче,  како што стои во соопштението, Филипче посочил дека мерките кои ги предлагаат здравствените експерти се целосно издржани и ќе дадат резултат и за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава како и за покачување на вакцинацијата во државата.
 
Говорејќи за состојбата во државата, министерот образложил дека  болниците се полнат со невакцинирани пациенти, односно процентот на невакцинирани, а хоспитализирани се движи од 75 до 80 проценти.
 
Како што соопштија од Министерството за здравство,  ваков вид, но и доста поригорозни мерки има насекаде во регионот, Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, како и Австрија, Холандија…Филипче вечер ќе одржи состанок со синдикатите како би ги слушнал и нивните предлози, кои ќе бидат презентирани и на владината седница.
 

Согласно предлог-мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.

Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.

Препораките се кон овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.