Криза на гигантот за недвижнини: „Евергранде“ изгуби повеќе од 80 милијарди долари за две години


Кинескиот гигант за недвижности „Евергранде“, обременет со долгови, соопшти дека изгубил вкупно 581,9 милијарди јуани (81,1 милијарди долари) во 2021 и 2022 година.

„Евергранде“ се бори со долгови кои се проценуваат на околу 300 милијарди долари. Огромните загуби нагласуваат колку компанијата е потресена од кризата на пазарот на недвижности во последните години во втората по големина економија во светот, пренесува СЕЕбиз.

Во поднесокот до берзата во Хонг Конг, „Евергранде“ доцна во понеделникот соопшти дека изгубил 476 милијарди јуани во 2021 година и уште 105,9 милијарди јуани минатата година. Приходите на компанијата се намалени за повеќе од половина за две години.

„Евергранде“ соопшти дека загубите се должат на повеќе причини, вклучително и падот на вредноста на имотот, како и зголемувањето на трошоците за задолжување. „Евергранде“, некогаш најпродаваниот инвеститор во Кина, беше суспендиран од тргување во март минатата година.

Кинеската индустрија за недвижнини беше потресена во 2020 година кога беа воведени нови правила за контрола на износот што големите фирми за недвижнини можат да го позајмат. Следната година, „Евергранде“го пропушти рокот за исплата на камати за околу 1,2 милијарди американски долари меѓународни заеми.