Кривичното дело за Кежаровски е застарено


Кривичното дело за новинарот Томислав Кежаровски во случајот „Ликвидација“ најверојатно е застарено и со прочистеното обвинение тој, најверојатно, нема да биде опфатен.

Освен за него, делата и за другите обвинети се застарени, но кои дела точно ќе се знае на следното рочиште кога обвинителката ќе го прочисти обвинението.

Новинарот Томислав Кежаровски беше осуден на 4,5 години казна затвор во случајот „Ликвидација“, а потоа Апелација му ја намали казната на две години.

Предметот е поврзан со убиството на Лазар Милошевски (74) во 2005 година во велешкото село Ореше.
Кежаровски во 2013 година беше осуден за откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, со што според судот му го загрозил животот. Кежаровски во текот на судењето тврдеше дека сведокот не само што не бил заштитен, туку бил и лажен сведок, кој сведочел по налог на тајната полиција.

Кежаровски беше во притвор шест месеци во Шутка, а потоа му беше одреден и куќен притвор поради влошена здравствена состојба.

Покрај него, на обвинителната клупа седнаа уште седум лица, меѓу кои судии, јавен обвинител и адвокат.
Обвинетите се товареа за примање поткуп, злоупотреба на службена должност, неовластено откривање на сведоци, недозволиво поседување оружје и друго.(Ф.Ф.С)