Кривичниот суд ги замрзна трите луксузни стана во „Панорама“, новите „бомби“ отфрлени како доказ

Становите, според сведочењето на Орце Камчев, се на Никола Груевски


Фото: Б. Грданоски

По барање на обвинителката Лиле Стефанова, застапник на обвинението во случајот „Плацoви на Водно“, Основниот Кривичен суд – Скопје донесе одлука да се замрзнат трите луксузни стана во „Панорама“ на Водно, кои според искази на дел од обвинетите, наводно се чувале за поранешниот премиер Никола Груевски.

Становите се на фирмата „ССИ Инвестмент“, но, според Орце Камчев и неговиот зет, Мето Стојчевски, тие се чувале за Груевски, а за замена за плацовите на Водно.

Овие плацови, пак, се на име на сопругата на бизнисменот Сергеј Самсоненко, Ирена Самсоненко, чија адвокатка на денешното рочиште побара одмрзнување на имотот на „Лајв кеар центар“, фирма на Самсоненко. Од Кривичниот суд велат дека ова барање допрва ќе се разгледува, и дека ќе се одлучи откако најпрво ќе добијат став од Обвинителството.

Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, обвинетиот Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

Тоа не беше единствена одлука денеска на судот. Тој одлучи и да не ги прифати „бомбите“ кои изминативе денови се појавија на јутјуб-каналот „The truth above all“, а во кои се слушаат разговори помеѓу Камчев и Груевски. Тие како доказ во судот беа предложени од адвокатот по службена должност на бившиот премиер.

Обвинителката Лиле Стефанова рече дека снимките не се докази, односно дека Груевски без да му каже на соговорникот го снимал, па поради тоа тие се незаконски. Според неа, во тие разговори и нема јавен интерес, освен интересот на бившиот премиер за кој, како што кажа, ги имал уште во февруари и не ги приложил како доказ. Ако се прифатат тие докази, рече Стефанова, тогаш треба да се прифатат и „бомбите“ каде експремиерот кажува дека за џабе нашол земјиште.

Груевски веднаш на Фејсбук ја потврди евтентичноста на „бомбите“ и порача дека тие покажуваат оти тој нема никаква врска со предметот „Плацови на Водно“. камчев, пак, пред десетина дена го тврдеше спротивното.

Во објавените разговори снимени во февруари 2021 се слуша како Камчев му реферира на Груевски за тоа дека давал исказ пред обвинителството и дека нема докази против експремиерот.

„Јас сум ти кажал. Уживај, спиј мирно за ова, завршено. Батали, воопшто не мисли. Од наша страна не го мисли воопшто. Сум ти го дал зборот. Тоа ќе биде така како што е зошто нема друго што да кажам. Друго треба да ги лажам и да те наместам. Прво не сум таков човек, второ, те почитувам како човек и трето тоа нема да се случи откај нас“, вели, меѓу другото, Камчев.

Завршните зборови за „Плацови на Водно“ се закажани за 12 април, по што ќе биде објавена пресудата