Кривични пријави на општина Кривогаштани за вработени во локалната самоуправа


Општина Кривогаштани до Основното јавно обвинителство во Прилеп ќе поднесе кривична пријава против неколку вработени во локалната самоуправа по две основи: за несовесно работење и за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Како што рече денеска на прес-конференција градоначалникот на Кривогаштани Рубин Шевтероски, ова е епилогот од направените анализи на комисијата соствена од внатрешни и од надворешни членови за направената штета од 2.706.590 денари.

– При анализите неспорно се потврдија сомневања за груба манипулација со финансиската состојба на Општината, за што одговорност имаат содветни раководители на одделението за финансии при општина Кривогаштани и други вработени, кои заобиколувајќи ги своите одговорности, овозможиле да настане ваква неповолна состојба по буџетот на општината. Ја известувам јавноста дека по завршувањето на комплетните анализи, до ЈО во Прилеп ќе биде поднесена соодветна  кривична пријава против сите одговорни лица, истакна Шефтероски.

Адвокатот, застапник, Жарко Стеваноски, кој ги вршел предметните анализи вели дека станува збор за заобиколување и за грубо кршење на законите околу финансиското работење на општината.

– Од сите извршени анализи се утврди дека, согласно правилникот за систематизација на работните места и одговорностите што ги имаат раководителите, особено раководителот на одделението за финансии, се грубо заобиколени и прекршени правилата на работењето во смисла на водење точна и јасна евиденција, контрола на подготовката на извршувањето на буџетот на Општината како и следењето на приходите и извршувањето на трошоците на Општината, изјави Стеваноски.

Јавното обвинителство најпрво треба да се произнесе по пријавите. Но, независно, ќе се води уште една дисциплинска постапка во Општината, против тројца вработени во локалната самоуправа. Станува збор за средства од над два милиона денари, за кои, наводно, вработени во финансиското одделение во Општината направиле манипулација со должничко-доверителската состојба, не прикажувајќи ги реалните долгови на Општината кон правните субјекти. Поради тоа, локалната самоуправа на Кривогаштани не успеала да ги покрие 90 отсто од долговите на име финансиска помош која лани Министерството за финансии ја овозможи за општините во земјава.