Кривична пријава за злоуптреба за поранешниот директор на прилепски „Комуналец“


Прилепското јавно претпријатие „Комуналец“ до основното јавно обвинителство и до прилепската полиција поднесе кривична пријава против поранешниот директор на претпријатието Златко Ристески поради постоење основано сомневање за  злоупотреба на службената должност, соопшти денеска актуелната директорка на ова јавно претпријатие Ирена Станкоска.

Според Станкоска има основани сомневања и докази дека Ристески, почнуваjќи од  2005 до 2017 година, континуирано вршел злоупотреба на функцијата директор на ЈКП „Комуналец“.

-Имено, во целиот тој период, Ристески подигнува парични средства од касата на Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ во вид на аванси. Износот што во текот на овој период е земан е во вкупна висина од пет милиона и 527 илјади и 58 денари. Во истиот овој период  додека подигал аванси лично за себе, што претставува класична злоупотреба, Златко Ристески не ги исплаќа  обврските по ДДВ,  не ги исплаќа законските обврски кон вработените, со што предизвикува финансиска нестабилност на претпријатието, по што следат серија  тужби од вработените, изјави Станкоска.

Пријавата за поранешниот директор, прилепски „Комуналец“ ја поднесе во текот на денешниот ден.