Кривична пријава за ресторанот каде што вечерал Мицкоски


Прекршочна пријава против правното лице за оневозможување на службени лица во извршување на службена должност, но и кривична пријава бидејќи ресторанот извршувал угостителска дејност и во внатрешниот дел, се мерките што ги презел Пазарниот инспекторат по синоќешниот настан во Боемската улица во Скопје, во која беше инволвиран и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски рече дека на двајцата инспектори кои вчера вршеле надзор во угостителскиот објект каде беше затекнат и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, не им било дозволено да направат контрола во внатрешноста на објектот. Тие, како што појасни Пауновски, биле во рутинска контрола, но кога не им бил дозволен влез внатре во објектот, се посомневале по што викнале уште двајца колеги, а подоцна и раководителот на Одделението во Скопје.

– Како Инспекторат постапуваме само против правните лица кои не ги почитуват протоколите. Физичките лица ниту не интересираат, ниту ги легитимираме. Единственото нешто што ги интересирало инспекторите е зошто не се отворало, рече Пауновски на денешната прес-конференција во Владата.

Апелираше да се остават инспекторите да ја вршат својата работа и да не се ставаат во политичка конотација.

– Оставете ги инспекторите да ја вршат својата работа. Да не се вплеткуваат во политички игри. Она што некој сака да го стави во контекст на политиката дека како Пазарен инспекторат сме инсталација на власта не е точно. Единствениот во Пазарниот инспекторат кој е инсталиран од власта сум јас. Сите вработени во Инспекторатот се наследени од претходните власти. Затаоа апелирам оставете ги инспекторите да ја врашт работата, истакна Пауновски.

Од четвртокот наваму Државниот пазарен инспекторат има поднесено 28 кривични пријави и 38 прекршочни пријави. Затекнати се и 47 даночни нерегистрирани даночни обврзници од областа на угостителството. Најмногу прекршувања има во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Струга. Од скопските општини најмногу прешувања се евидентирани во Чаир.