Кривична пријава за насилникот од Охрид, Савески најавува итно постапување
Поднесена е кривична пријава против насилникот од Охрид, кој си ја претепа девојката и ѝ нанесе тешки телесни повреди – соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи.
„СВР Охрид поднесе кривична пријава против К. К. на возраст од 31 година од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело тешка телесна повреда по член 131 став 3 од Кривичниот законик. На 15 ноември околу 2 часот, по претходна расправија, која почнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал својата 26-годишна девојка од Охридско. И откога го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди“ – информираа од МВР.
Биле преземени мерки и набргу по настанот, во 5,05 часот, К. К. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. По барање на ОЈО, Основниот суд во Охрид донел решение и му изрекол мерки на претпазливост.
„Во врска со настанот, вчера, во 8,50 часот во СВР Охрид, Љ. К., на возраст од 51 година од Охрид, мајка на К. К., пријави дека Љ .Ѓ., 49-годишно лице, татко на девојката, на мобилен телефон упатил закани до син ѝ К. К. и до целото семејство по што истиот ден во 13,20 часот во Охрид и тој е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Против него исто така ќе биде поднесен соодветен поднесок“,- додадоа од МВР.
Савески најави одлука за насилството во Охрид
Државниот јавен обвинител Ненад Савески очекува во текот на денешниот ден да биде донесена јавнообвинителска одлука за случајот со насилството врз 26-годишна девојка во Охрид. Тој порача дека Обвинителството интензивно ги утврдува сите околности и дека правната квалификација ќе зависи од собраните докази.
Прашан дали во случајот постојат елементи за обид за убиство, Савески не даде конечна оценка. Нагласи дека доказниот материјал ќе се разгледува поединечно и како целина, а особено значаен ќе биде исказот на оштетената.
„Тој исказ ни е многу суштествен“, рече Савески, посочувајќи дека надлежниот обвинител веќе е во контакт со девојката.
Тој уверува дека се преземаат сите неопходни истражни дејствија и најави официјално соопштение за правната квалификација и за натамошното постапување. Во изјавата не објасни конкретно зошто не е побаран притвор, туку се определени мерки за претпазливост.
Савески потврди дека паралелно се води постапка и за дејствијата на таткото на Сара.
Државниот обвинител нагласи дека се испитува постапувањето на сите вклучени лица. Побара трпение до објавувањето на одлуката, оценувајќи дека предвремените коментари би биле шпекулативни и би можеле несоодветно да ја информираат и дополнително да ја вознемират јавноста.