Кривична пријава за Костадин Костадинов за легализација на објект


Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и уште две лица, поради сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување исправа при легализација на бесправно изграден објект во струмичкото село Куклиш.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пријавите се поднесени до Основното јавно обвинителство во Струмица. Покрај Костадинов, опфатени се и поранешната раководителка на Секторот за урбанизам во Општина Струмица и управител на правно лице од Битола, кое во меѓувреме е ликвидирано.

Според МВР, во 2022 година Костадинов и поранешната раководителка, злоупотребувајќи ги своите службени овластувања, му овозможиле на физичко лице од Куклиш да легализира објект изграден без соодветна документација.

Како што наведуваат од полицијата, по барање на поранешната раководителка, управителот на правното лице изготвил елаборат и технички извештај во кои било наведено дека на катастарската парцела не постојат објекти. Документите потоа биле искористени за бришење на објекти што биле во сопственост на Општина Струмица, со цел парцелата да добие чист имотен лист.

Врз основа на таквата документација, според пријавата, на лицето му било издадено решение за легализација на зграда со намена стовариште, со внатрешна површина од 161 квадратен метар.

Со легализацијата му била овозможена и постапка за откуп на земјиштето под објектот, како и стекнување сопственост врз земјиште со површина од 866,46 квадратни метри, кое е во сопственост на државата.

Од МВР посочуваат дека во претходниот период веќе биле водени постапки поврзани со објектот. Во 2016 година, Вишиот управен суд ја одбил жалбата на лицето за легализација, со образложение дека објектот се наоѓа на парцела на која право на сопственост врз објект имала Општина Струмица.

Во 2019 година била донесена и друга судска пресуда со која било потврдено дека објектот е изграден без соодветно одобрение за градење. По констатираната состојба, градежен инспектор од Општина Струмица издал решение со кое било наложено отстранување на градбата.

Според полициското соопштение, со дејствијата опфатени во пријавата на лицето му била овозможена противправна имотна корист, на штета на Општина Струмица и државата.

Кривичната пријава е поднесена поради сомневање за сторени кривични дела. За евентуалната кривична одговорност на пријавените треба да одлучуваат надлежните обвинителски и судски органи.