Кривична пријава за 10 дрвократци кои нападнаа полициски службеници


Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе кривична пријава против 10 лица кои на 24 овој месец на стариот пат Прилеп – Велес нападнаа врз полициски службеници.

Пријави се поднесени против Е.Е.(28), Е.И.(30), Ф.Ќ.(37), С.А.(40), Ф.Ќ.(43), С.М.(57), Ѓ.А.(21), Р.В.(30), Е.В.(29), И.В.(52), сите од Прилеп.

Во соопштението од МВР се потсетува дека на 24.09.2020 околу 20.00 часот, полициски службеници од Полициско одделение Чашка, додека вршеле службени дејствија на стариот пат Прилеп-Велес, сопреле за проверка три патнички моторни возила, без регистарски ознаки, при што едното возило избегало. Останатите две возила биле натоварени со огревни букови дрва, кои од страна на полициските службеници биле одземени.

Притоа наишла поголема група граѓани, меѓу кои и десетте пријавени лица, кои почнале агресивно да се однесуваат и игнорирајќи ги усните наредби, со тврди предмети ги искршиле стаклата од полициското службено возило. Првопријавениот со тврд предмет го нападнал полицискиот службеник Д.Ц., а потоа останатите пријавени ги нападнале неговите колеги, по што полициските службеници испукале неколку предупредувачки истрели во воздух и пријавените се повлекле. Повредениот Д.Ц. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди, а четири полициски службеници се со телесни повреди.

Десетте пријавени лица се приведени и предадени на обвинителството.